Централната банка на Турција денеска објави дека е подготвена да ги преземе сите неопходни мерки за да обезбеди финансиска стабилност по падот на националната валута.

Во соопштението се наведува дека комерцијалните банки ќе добијат помош да останат ликвидни.

– Централната банка внимателно ќе ја следи длабочината на пазарот и формирањето на цените и ќе ги преземе сите неопходни мерки за одржување на финансиската стабилност, доколку заклучи дека тоа е неопходно – објави АФП.

Соопштението беше објавено откако турската лира падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот во време на дипломатскиот спор со САД кој сеуште трае.

Апсењето на американскиот пастор Ендру Бренсон од октомври 2016 година, врз основа на обвиненијата за тероризам, предизвика најголема криза досега во односите помеѓу Анкара и Вашингтон.

Централната банка објави серија мерки откако министерот за финансии, Берат Албајрак, зет на претседателот Ердоган, рече дека се подготвува акционен план.

Во соопштението се наведува дека околу 13 милијарди лири (9 милијарди долари) ќе бидат внесени во финансискиот систем за да се обезбеди ликвидност.