ТТК банка ја зголеми основната главнина на 16,77 милиони евра. Тоа е направени со сопствени средства, преку четвртата емисија акции во вредност од 1,1 милион евра. Издадени се 67.587 обични акции.

Преку Македонска берза од Банката информираат:

„Во согласност со Решението на Народната банка на РСМ за издавање претходна согласност за измени и дополнувања на Статутот на ТТК Банка АД Скопје од 29 април 2024 година, извршено е зголемување на основната главнина со средства на Банката со издавање на 67.587 обични акции, по пат на приватна понуда од IV (четврта) емисија на акции.

Зголемувањето на основната главнина на Банката е запишано во Централниот регистар на РСМ на ден 9.5.2024 година, а на ден 10.5.2024 година извршен е упис во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје“.

Воедно, наведено е дека сега „основната главнина на ТТК Банка АД Скопје изнесува 1.033.173.000 денари и таа е поделена на 1.033.173 обични акции, секоја со номинална вредност од 1.000 денари“.

Пред една година Банката на овој начин ја зголеми главнината на 15,7 милиони евра. Тогаш беа издадени 57.698 обични акции.

Малата банка, каде што најголем акционер е тетовски „Тетекс“, успешно ги зајакнува сопствените позиции. Конкурентна е на банкарскиот пазар, а лани направи голем скок зголемувајќи ја добивката за 72,9 проценти.