Во 2017 година ТТК Банка АД Скопје дејствуваше во насока на остварување на своите приоритетни цели и задачи дефинирани во Деловната политика и во Финансискиот план на Банката, при што во текот на периодот го прилагодуваше своето работење на тековните економски и пазарни услови на стопанисување.
Во периодот од 01.01. до 31.12.2017 година Банката оствари позитивен финансиски резултат во износ од 100,1 милиони денари и истиот е повисок во однос на остварениот финансиски резултат минатата година во износ од 16,4 милиони денари.
Известување за промени во сметководствените политики и методи на вреднување
Во 2017 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување на ставките во финансиските извештаи споредено со последните ревидирани финансиски извештаи за 2016 година.
Финансиски остварувања на Банката
Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и истите на крајот на декември 2017 година изнесуваат 265,1 милиони денари со забележан раст од 0,42% во однос на истиот период минатата година. Планираните нето- приходи од камати се остварени со 99,4%.
Движењето на нето-приходите од камати во втората половина од годината беше под влијание на промената на каматната политика и прилагодувањето на понудата на банкарските производи преку целосно исклучување од понуда на прилагодливите каматни стапки и примена на фиксни и променливи каматни стапки. Промената е во согласност со препораките на НБРМ со цел минимизирање на правниот и репутацискиот ризик, поголема транспарентност во работењето и заштита на корисниците.
Банката навремено се прилагоди кон новонастанатите услови со цел ефикасно управување со каматниот ризик и тоа преку прилагодување на понудата на каматни услови на производите, од една страна, како и преку примена на ефикасни модели за управување со каматен ризик, од друга страна.
Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во анализираниот период изнесуваат 126,6 милиони денари и во однос на минатата година бележат намалување за 12,8%.
Планираните нето-приходи од провизии се остварени со 85,9%. Најголем придонес во генерирањето на приходите од провизии произлегува од платниот промет во земјата од правни и физички лица, но исто така и од генерираните провизии од сегментот кредитирање.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 9,3 милиони денари и во однос на минатата година бележат зголемување за 1,6%. Остварувањето на планот изнесува 96,8%.
Во текот на 2017 година Банката активно управуваше со преземениот имот, што резултираше во продажба на голем дел од преземениот имот при што оствари значителни капитални добивки, како и наплата на претходно отпишани побарувања. Ефектите од овие настани се одразија на позицијата останати приходи од работењето на Банката којашто изнесува 98,7 милиони денари.
Вкупните оперативни трошоци на крајот на декември 2017 година изнесуваат 331,3 милиони денари и истите се зголемени за 0,1% споредено со истиот период минатата година, како резултат на зголемените трошоци за плати и вработени и намалените материјални, останати и административни трошоци.
Во согласност со Одлуката за сметководствениот и регулаторниот третман на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања, заклучно со месец декември 2017 година, евидентирана е загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 23,5 милиони денари, што е за 55,2% пониско оштетување во однос на минатата година и е резултат на продажба на дел од преземениот имот.
Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства на нето- основа изнесува 36,1 милиони денари и истата е пониска за 54,6% во однос на минатата година.
Издвоените исправки на вредност во споменатиот период соодветствуваат со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката.
Очекувања за претстојниот период
Банката во наредниот период ќе биде насочена кон обезбедување стабилно и профитабилно оперативно работење. Банката ќе презема активности во насока на остварување на целите утврдени во деловната политика за 2018 година. Растот на кредитната активност на Банката се очекува да биде на ниво на планираниот раст на БДП, преку зголемување на уделот на работата со населението во вкупните активности на Банката и задржување на фокусот за работа со мали и средни претпријатија. Потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе биде основа на деловната стратегија, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминатно учество во вкупните извори средства.
Во текот на 2018 година Банката ќе продолжи со преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити и подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и активностите поврзани со продажба на преземениот имот, коишто позитивно би влијаеле на финансискиот резултат на Банката.