КОМЕНТАР ЗА ОСТВАРЕНИТЕ ФИНАНСИСКИ РЕЗУЛТАТИ НА
ТТК БАНКА АД СКОПЈЕ ЗА ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ ОД 2018 ГОДИНА
ТТК Банка АД Скопје во првото полугодие од 2018 година дејствуваше во насока на
остварување на своите приоритетни цели и задачи дефинирани во Деловната политика и Финансискиот
план на Банката за 2018 година, при што во текот на периодот го прилагодуваше своето работење на
тековните економски и пазарни услови на стопанисување.
Во периодот јануари – јуни 2018 година, Банката оствари позитивен финансиски резултат во
износ од 31,9 милиони денари и покрај издвоените исправки на вредност за финансиски средства на
нето-основа во износ од 45,5 милиони денари и исправки на вредност за нефинансиски средства на нетооснова
во износ од 51,1 милиони денари.


 Известување за промени во сметководствените политики и методи на вреднување
Банката, со датум 01.01.2018 година изврши усогласувања согласно измените во
Методологијата за евидентирање и вреднување на сметководствените ставки за подготовка на
финансиските извештаи донесена од страна на НБРМ и стапувањето во сила на стандардот МСФИ 9, кој
го замени постоечкиот МСС 39. Истите стапуваат во сила на 01.01.2018 година.
Банката изврши оценка на сите финансиски средства, на 01.01.2018 година. Во зависност од
деловната цел, Банката изврши нивно класифицирање во соодветен деловен модел и го утврди начинот
на мерење на објективната вредност на финансиските инструменти. Согласно барањата на МСФИ 9,
Банката на 01.01.2018 година изврши класифицирање на портфолиото на должнички инструменти во
категорија на финансиски средства кои се мерат по амортизирана набавна вредност, и истото немаше
влијание врз билансите на Банката. Согласно барањата на МСФИ 9, Банката на 01.01.2018 година изврши
класифицирање на портфолиото на сопственички инструменти кои се мерат по објективна вредност преку
останата сеопфатна добивка и сопственички инструменти кои се мерат по објективна вредност преку
Билансот на успех. За вложувањата на Банката во одредени специфични институции (како КИБС, ЦДХВ и
сл.) за коишто нема активен пазар и чиешто поседување е утрвдено со закон и/или е поврзано со
можноста за користење на услугите коишто ги вршат овие институции, може да се смета дека нивната
набавна вредност ја одразува нивната објективна вредност. Банката ги класифицира овие вложувања како
финансиски средства кои се мерат по објективна вредност преку останата сеопфатна добивка.
Материјалниот ефект на Банката на 01.01.2018 година, како разлика помеѓу објективната и
сметководствената вредност на сопственичките инструменти изнесува 3.892 илјади мкд евидентирана
акумулирана загуба.
Кредитно портфолио согласно со избраниот деловен модел и спроведениот СППИ тест, како
и до 01.01.2018 година, ќе продолжи да се мери по амортизирана набавна вредност.

 

Финансиски остварувања на Банката

Нето приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните
приходи од работењето. Остварените нето приходи од камати во првото полугодие од 2018 година
изнесуваат 135,5 милиони денари и забележуваат 96,4% реализација на Буџетот. Приходите од камата во
првото полугодие од 2018 година изнесуваат 169,9 милиони денари. На годишно ниво, зголемената
кредитна активност на Банката кон секторот домаќинства и секторот нефинансиски друштва резултира со

зголемени приходи од камати за 4,5% во однос на истиот период минатата година. Расходите за камати
изнесуваат 34,5 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се пониски за 3,6%.
Нето приходите од провизии и надоместоци за услуги во првото полугодие од годината
изнесуваат 60,4 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се пониски за 2,9%.
Степенот на исполнување на планот е 90,4%.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 3,9 милиони денари и во однос на истиот
период од минатата година се пониски за 18,3%. Степенот на исполнување на планот е 89,8%.
Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 79,7 милиони денари и во однос
на минатата година се повисоки за 36,6 милиони денари или 84,8%, како резултат пред сѐ на
реализираните капитални добивки од продажба на средства.
Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 154,6 милиони денари
и споредено со истиот период минатата година се пониски за 4,1%. Степенот на исполнување на планот е
97,5%.
Согласно Одлуката за сметководствениот и регулаторниот третман на средствата преземени
врз основа на ненаплатени побарувања, заклучно со месец јуни 2018 година евидентирана е загуба
поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 51,1 милиони денари.
Исправката на вредност на финансиските средства на нето-основа во анализираниот
период изнесува 45,5 милиони денари, што е за 14,8 милиони денари повисока во однос на истиот период
минатата година.
 Исплатени дивиденди
На Седницата на Собранието на акционери на ТТК Банка АД Скопје, одржана на 30.3.2018
година, беше донесена Одлуката за определување на износот на дивидендата и датумите на исплата на
дивидендата, со која се исплати дивиденда за 2017 година во бруто-износ од 94.420.352 денари или
висината на бруто-дивидендата по акција изнесува 104,0 денари односно 10,4% од номиналната вредност
по акција.
 Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема)
или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со
последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Материјалните средства (недвижности, постројки и опрема) се пониски за 4,0% во однос на
декември 2017 година, што главно се должи на амортизацијата на основните средства.
 Промени во кредитни задолжувања (намалување или зголемување поголеми од 30%
споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити во однос на декември 2017 година бележат зголемување за 33,8%
како резултат на зголемените обврски по репо трансакции со банки и зголемените обврски на пазарот на
пари.

 

 Очекувања за претстојниот период
Банката во наредниот период ќе биде насочена кон обезбедување стабилно и профитабилно
оперативно работење. Банката ќе презема активности во насока на остварување на целите утврдени во
деловната политика за 2018 година. Растот на кредитната активност на Банката се очекува да биде на
ниво на планираниот раст на БДП, преку зголемување на уделот на работата со населението во вкупните
активности на Банката и задржување на фокусот за работа со мали и средни претпријатија. Потпирањето
на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе биде основа на деловната стратегија, при што и
натаму депозитите од секторот население остануваат со доминатно учество во вкупните извори на
средства.
Во текот на 2018 година Банката ќе продолжи со преземање интензивни мерки и активности за
наплата на нефункционалните кредити и подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и
активностите поврзани со продажба на преземениот имот, коишто позитивно би влијаеле на финансискиот
резултат на Банката.