Во организација на Travel Shop, Work Shop и Skytour Албанија, во посета на Охрид беа 60-тина тур-оператори од Европа, Америка и Азија, кои започнаа кружна Балканска тура веднаш по завршувањето на Саемот за туризам ITF Тирана (EXPOCITY) во Тирана.
Како што информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), целта на турата е запознавање со регионот и можност за почнување продажба на аранжамни.
Според АППТ, и годинава ќе продолжи трендот на зголемување на бројот албански туристи во земјава, дури со забрзан интензитет од веќе регистрираниот лани. Бројот на туристи од Албанија во 2018 година бил зголемен за 29 отсто во споредба со 2017-та, а бројот на ноќевања пораснал за 31 процент.
На Саемот за туризам што се одржа на 5-ти и 6-ти април во Тирана, земјава трет пат го претстави својот туристички потенцијал. Штандот беше посетен од бројни официјални лица кои ја дадоа својата поддршка за соработката со Албанија во поглед на туристичката размена, а меѓу нив беа министерот за туризам и животна средина на Република Албанија, Бленди Клоси, министерот за претприемништво, Бледи Цуци, министерот за култура, Елва Маргарити и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски.
Потенцијалните туристи од Албанија покажаа интерес за посета на Охрид, Струга, Скопје и Ски центрите Маврово и Попова Шапка.