Турција и Европската Унија разговараа во рамките на првиот круг од трговскиот дијалог за прашања поврзани со визите, билатералната трговија и царинската унија, пренесоа турски медиуми, објави „24Часа.бг“.

„На разговорите во Брисел учествуваше и министерот за трговија, Јомер Болат, придружуван од турска делегација, како и потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис, заедно со вработени во комисијата“, јави БТА.

-Претпладнето се среќаваме со претставници на деловните кругови од ЕУ и Турција на тркалезна маса, а попладне ќе има меѓувладини средби – напиша министерот Болат на својот профил на социјалната мрежа Екс. ЕУ е најголемиот трговски партнер и извозен пазар на Турција.

„Лани над 40 отсто од извозот на Турција беше насочена кон ЕУ, во износ од 104 милијарди долари, а уделот на извозот на ЕУ во земјата изнесуваше 53 милијарди долари или 42,3 отсто во првата половина на 2024 година“, забележува Хуриет.

На средбата го оценивме функционирањето на царинската унија, моменталната состојба на билатералната трговија, како и очекувањата и предлозите на деловното опкружување, особено во однос на ажурирање на царинската унија, со цел понатамошен развој на економските односи, рече Болат. Ќе продолжиме со нашата работа со одлучност за натамошно продлабочување на нашите комерцијални и економски односи со ЕУ, која е наш најважен трговски партнер, додаде министерот.