Турција станува стратешки енергетски центар за Европа како резултат на руската војна против Украина, стои во извештајот објавен од Фондацијата Конрад Аденауер во Германија, објави „Хуриет дејли њуз“.
Документот, кој беше испратен до конзервативните германски пратеници минатата недела, нуди засилена соработка меѓу Берлин и Анкара за справување со енергетските проблеми и безбедносните предизвици.
„Во однос на диверзификацијата на енергетската политика, Германија има ограничени алтернативи за Русија на краток рок“, се вели во извештајот, но се нагласува дека Турција нуди „вистински алтернативи“ додека европските земји се обидуваат да ја намалат нивната зависност од Русија.
Извештајот ја нагласува растечката улога на Турција како стратешки енергетски центар за Европа за снабдување со природен гас од Каспискиот басен, Централна Азија, Блискиот Исток и Источниот Медитеран.
Иранскиот природен гас и нафта би можеле да се транспортираат и преку Турција, доколку разговорите за продолжување на иранскиот нуклеарен договор бидат успешни, се вели во извештајот.
„Како што соработката меѓу Израел и Турција во областа на енергетиката сега станува пореална, Турција се појавува како енергетски центар“, се вели во извештајот.
За време на посетата на Анкара на 14-ти март, германскиот канцелар Олаф Шолц повика на поблизок дијалог и соработка меѓу ЕУ и Турција.
„Ќе направиме се што е можно за да ги прошириме нашите билатерални односи и да го реализираме целосниот потенцијал на нашата соработка“, рече Шолц за време на неговата посета.
Во извештајот, исто така, се препорачува германските политичари да посветат поголемо внимание на безбедносните потреби на Турција и нејзините очекувања од европските партнери.
Протокот на природен гас од огромните ресурси на Азербејџан до европските земји може да се зголеми преку Трансанадолскиот гасовод (ТАНАП) за да се ублажат проблемите со снабдувањето со енергија низ целиот континент, изјави минатиот месец турскиот министер за енергија и природни ресурси Фатих Донмез.
Годишниот капацитет на ТАНАП, во моментов 16 милијарди кубни метри годишно, наскоро ќе се зголеми на 31 милијарда кубни метри, изјави Донмез за новинарите по состанокот на земјите од Јужниот гасен коридор (SCG) во Баку во февруари.
SGC ги вклучува полето Шах Дениз 2, гасоводот Јужен Кавказ, ТАНАП и Трансјадранскиот гасовод (ТАП).
Азербејџан, Грузија, Турција, Бугарија, Грција, Албанија и Италија се земјите кои учествуваат во проектот долг 3.500 километри.