Критична, ризична и неизвесна ќе биде оваа туристичка година. Веќе ги изгубивме рускиот, украинскиот и полскиот пазар, намалени се групите на нашите традиционални посетители од Белгија и Холандија, а откажани се и голем број аранжмани или можеби ќе се реализираат, но без гаранција, оценува бизнис секторот од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија.
Од Здружението на денешниот брифинг со новинарите истакнаа дека ситуацијата е катастрофална, не само поради актуелната пандемија и руско-украинскиот конфликт, туку и поради „несредените“ работи дома. Загрижени се, како што рекоа, дека ако итно не се преземе ништо, ќе ја пропуштиме не само оваа, туку и 2023 година.
-Убедливо сме најлоши во регионот, се остварија нашите предупредувања за падот од 60 проценти во 2021 година во однос на 2019-та, пред пандемијата. Неопходно е државата да создадае услови за туризмот, а институциите да си ја вршат работата. Треба да профункционира и Советот за туризам кој „не работи“ веќе 15 месеци и конечно да се стави во функција комитетот за туризам кој е формиран со официјална владина одлука уште во ноември 2020 година, реагира Здружението и додава дека македонскиот туризам буквално не мрднал од позицијата во 2020 година.
Според бизнис секторот, третманот на туризмот е сведен на „прошетки“ и „убавини“.
-Секторот не е препознаен како економски систем. Пристапот ни е катастрофален. Активностите засега се несериозни и вид параван или симулација на она што фактички се случува. За каков маркетинг зборуваме ако се уште не го знаеме профилот на домашниот и на странскиот турист. Немаме таргет, а правиме промоции. Врз база на што? И кога се зборува за остварени приходи, тоа треба да е по шифра на дејност, зашто се друго е манипулација. Хаос е и во евиденцијата. На пример, регистрирани се 90 национални ресторани, а во „Златна книга“ има 1 400, потенцираат од Здружението кое пред речиси една година испратило вкупно 65 предлози до Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, но до сега се уште нема добиено никаков одговор.
Од Здружението предочија дека во 2019 година приходите од труизмот биле околу 480 милиони евра, а според АППТ сега имаме три отсто помалку приход со 60 отсто помалку странски туристи и со пет отсто помалку домашни туристи.
-Ова е нонсенс. Бесмислица се и тврдењата на Агенцијата дека украинските туристи ќе ги замениме со турски, како и дека ќе имаме еден милион бугарски туристи. Инаку, според податоците од Министерството за економија и од Владата, имаме 50 хотели помалку категоризирани во 2020-та и 2021-ва во однос на 2018-та и 2019 година и 47 туристички агенции со А лиценца помалку, односно од вкупно 180 хотели, сега имаме 130, а од 177 агенции имаме околу 140 со А лиценца, рекоа од Здружението