Турската компанија „Зорлу” е заинтересирана за инвестирање во најсовремен центар за производство и преработка на овошје во pреспанскиот регион, со капацитет од околу 10.000 тони.

При посетата на Општина Ресен, директорот на копманијата Џем Зорлу, оствари средба со градоначалникот Живко Гошаревски, на која било разговарано околу деталите за инвестицијата, која ќе придонесе за развојот на Преспа.

– Откупно-дистрибутивниот центар ќе значи многу за земјоделието во општина Ресен. Јаболкото како главна земјоделска гранка е иднината на Преспа. Колку што е битно прозиводството, толку е битно и пакувањето и складирањето на јаболкото за да може да одговориме на современите услови што ги бараат пазарите, нагласи Гошаревски.

Во моментот, додаде тој, се разгледуваат потенцијалните локации, кои во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе му бидат понудени на инвеститорот.

– Општината не располага со сопствено земјиште. Ние во моментот сме медијатори со ресорното Mинистерство за изнаоѓање соодветно државно земјиште, кое ќе му биде понудено на инвеститорот, истакна градоначалникот.

Ресен, подвлече Гошаревски, како општина со огромен потенцијал во земјоделството, енергетиката и туризмот секогаш ќе биде отворена за страниските и домашните инвеститори, кои ќе придонесат за целокупниот развој на регионот.