Вредноста на турската валута падна на историски минимум откако земјата ја зголеми минималната месечна плата за 49 отсто на приближно 520 евра, што предизвика страв од пораст на инфлацијата, пишува Блумберг.
Турција ја зголеми минималната месечна плата на 17.002 турски лири (речиси 520 евра) за 2024 година, објави во средата претседателот на земјата Реџеп Таип Ердоган на социјалната мрежа Х.
Централната банка на Турција (TCMB) во тековната прогноза наведе дека до крајот на оваа година очекува инфлација од 65 отсто.
Според прогнозата на банката, врвот на инфлацијата во Турција ќе се случи во мај 2024 година и ќе изнесува повеќе од 70 проценти пред да се стабилизира на 36 проценти на крајот на следната година, се наведува на веб-страницата TCMB.
Турција веќе подолго време се соочува со висока инфлација. Нестандардните намалувања на каматните стапки што ги побара претседателот Ердоган предизвикаа валутна криза на крајот на 2021 година, поттикнувајќи скок на инфлацијата во Турција минатата година на 85,51 отсто, највисоко ниво во последните 24 години.
И покрај тешката економска криза, Ердоган рече дека каматните стапки ќе продолжат да паѓаат се додека тој е на власт.