Лирата денес повторно падна откако Турција ги обвини САД дека водат економска војна среде судирот на двете сојузнички од НАТО околу судбината на евангелистичкиот свештеник кој го притвори Анкара.
Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кажа дека Вашингтон мора да го почитува правниот процес против свештеникот Андрју Брансон кој во Турција е обвинет за терористичка активност, што го разгневи американскиот претседател Доналд Трамп.
Лирата во однос на доларот падна до вредност од 6,1340 и на пладне беше 0,7 отсто послаба и вредеше 6,0785 лири. Доларот зајакна по најавата на американската централна банка дека во септември ќе ги зголеми каматните стапки
Лирата годинава падна вкупно 37 отсто, а кризата во американско-турските односи го засили падот предизвикан од загриженоста на Ердогановото влијание врз монетарната политика. Тој тврди дека каматните стапки се „мајката и таткото на сите зла“ и одбива да ги зголеми.
Економистите предупредуваат дека Турција мора да ги увери инвеститорите дека е спремна да преземе мерки за јакнење на својата економија.
„Проблемите на Турција не се фиксни“, истакнува Кристијан Маџио, директор за растечки пазари на инвестициската банка ТД секјуритис. „Локалните власти не спроведоа или осмислија ниту едно структурно решение или реформа“.
Маџио додава дека нестабилноста на лирата е засилена и поради намалувањето на трговската активност за време на муслиманската недела курбан бајрам, поради што се затворени поголемиот дел од продавниците.
Ердогановиот портпарол Ибрахим Калин кажа дека коментарите на советникот на Трамо за национална безбедност Џон Болтон покажале дека САД ја нишани турската економија.
Болтон истакна дека Турција „направила голема грешка“ не ослободувајќи го Брансон и изрази скепса околу 15-те милијарди долари поддршка во инвестиции од Катар, тврдејќи дека тие се „недоволни за да имаат влијание врз турската економија“.
„Болтоновата изјава е доказ дека владата на американскиот претседател нишани на сојузничката од НАТО во рамки на економска војна. Трамповата влада покажа дека планира да ги користи трговијата, царините и санкциите за да создаде светска трговска војна“, истакна Калин.