Откако централната банка неочекувано ги намали каматните стапки уште еднаш, овој пат за 100 базични поени, турската лира вчера падна на ново рекордно ниско ниво, пренесува СЕЕбиз.

Додека на други места во светот централните банки брзаат да ги зголемат каматните стапки за да се справат со зголемената инфлација, централната банка на Турција ја намали својата референтна стапка на 12 отсто и покрај тоа што инфлацијата се зголемува над 80 отсто годишно.

Турската лира падна на рекордни 18,42 во однос на доларот, надминувајќи го падот постигнат за време на големата финансиска криза минатиот декември.

Аналитичарите го нарекоа потегот неодржлив и поттикнат исклучиво од напорите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да ги намали трошоците за задолжување за да го поттикне извозот и инвестициите.

Невообичаените намалувања на каматните стапки во текот на изминатата година, заедно со растот на цените на суровините, ја поттикнаа инфлацијата на највисоко ниво во последните 24 години, што доведе до сè повисоки трошоци за живот.

Централната банка го оправда овој потег со економска стагнација и дека очекува да дојде до дезинфлација, односно забавување на постојната инфлација.