Тутунарите од прилепско бараат воведување на нов начин на осигурување на родот, а не како досега преку осигурителни компании, кои според земјоделците годинава воопшто и не сакале да ги осигураат посевите со тутун, а во изминатиот период пак доколку дојдело до невреме нереално се вршеле проценки и биле исплаќани помалку средства од реалните. Тутунарите бараат осигурување на тутунот со самото склучување на договор за откуп.

„Бараме со самото склучување на догорот за откуп на тутун да му биде на тутунарот тутунот осигуран. Со приватните компании тоа не можеме да го направиме. Да се плаќа во посебен Фонд за осигурување, каде ќе има помали франшизи, помалии трошоци ии слично“, вели Тони Аљакоски, претседател на здружение на тутунари од Прилеп „Мице Козар“.

Имаат и интересен предлог дел од фондот за осигурување да се полни со средства кои ги плаќаат авионските компании за прелети над Македонија.

„Не смееме да користиме градобитни ракети поради тоа што над нас летале многу авиони. Тие авиони што леаат над нашето небо плаќаат, тогаш дел од тие пари нека одат во тој Фондот за осигурување“, додаде Аљакоски.

Инаку од 1.315 поднесени барања за обештетување на земјоделците од Мало и Големо Коњари, кои пред 3 недели беа погодени од катастрофалното невреме, комисијата за елементарни непогоди од Општина Прилеп досега успеала да разгледа околу 400 барања. Инаку за месец и половина ова е второ невреме во овој регион.

„Од тие прегледани 400 барања штетите во просек се движат од 60 до 90 проценти оштетување на земјоделските култури, најмногу кај тутунот. Од првото невреме беа 105 барања и сите комплетно се завршени. Во тек е изработката на елаборатот и тие можат комплетно да бидат доставени до Советот на Општина Прилеп, но мислам дека заедно ќе бидат доставени со втората проценка“, изјави Жарко Северкоски, претседател на комисијата за елементарни непогоди при Општина Прилеп.

Земјоделците апелираат до Општина Прилеп и до Владата да се одделат што е можно повеќе средства за обештетување затоа што најголем дел од нив сега биле останати без ништо.