Тутунарите ќе добијат повисоки субвенции, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Целта на владата не е само да се зголеми производството на тутун, туку и да се подобри квалитетот на истиот.
Додаде, дека идните политики во развој на тутунопроизводителството ќе се реализираат не само преку зголемените субвенции за тутунот, туку и преку измените во новиот закон за тутун и тутунски производи.
Нагласи дека реколтата за 2017 година е една од најдобрите и додаде дека откупот финишира со постигната натпросечна откупна цена од 217,5 денари за килограм, а тутунот, како што кажа, беше со одличен квалитет и речиси немаше четврта класа.
Политиките на Владата во тутунопроизводството, како што кажа, се прават во согласност со сите меѓународни институции и додаде дека Владата ќе ја прифати забелешката на Светската здравствена организација да се произведува помалку тутун, за што, како што кажа, со пари од ИПА фондовите се предвидува проект за пренамена на земјоделското земјиште засадено со тутун за одгледување други култури.