Тутунарите не прифаќаат пониска цена од 600 денари за килограм тутун. На само еден ден пред крајниот законски рок за почеток на редовниот откуп, во игра е и бојкот на откупот, бидејќи понудените 300 денари за килограм од откупувачите е комплетно неисплатлива и неприфатлива цена и со неа ние сме само во загуба, вели Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
На почетокот на овој месец од Националната земјоделска мрежа испратиле допис до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во кое бараат итна средба со откупните фирми под медијаторство на ресорното Министерство, а целта е да се договорат – сегашните 5 евра за кг откупен тутун да се зголемат на 10 евра. Каракашев посочува дека решението е час поскоро да се постигне договор и откупот да започне на време.
Министерот Николовски пак, на последната посета во Штип истакна дека очекува цена од 400 денари за тутун од прва класа и за 20 отсто повисоки откупни цени годинава.
Николовски посочи и дека веќе е подготвен теренот и се направени сите проверки од Државниот инспекторат за земјоделство, но дека има и потврда од сите откупни компании дека се подготвени за почетокот на откупот и имаат обезбедено средства за тоа.
Инаку, според првичните проценки годинава родот е со добар квалитет, но преполовен и ќе тежи речиси 13 милиони килограми тутун, наспроти очекуваните 26 милиони, а според Законскиот рок, откупот треба да започне од утре.