Њујорк многу лесно ја задржа позицијата на водечки финансиски центар, а Лондон го потврди второто место на глобалното рангирање, тесно надминувајќи ги Сингапур и Хонгконг, се вели во извештајот објавен во четвртокот.
Њујорк е на самиот врв на глобалното рангирање од септември 2018 година, кога го престигна Лондон на водечката позиција, со 763 новоосвоени поени, според истражувањето кое вклучува 121 финансиски центар и се заснова на 147 фактори.
Сепак, Лондон малку ја намали разликата во однос на Њујорк, достигнувајќи 744 поени, што веројатно ќе даде одредена утеха во ублажувањето на стравувањата од конкуренција по излегувањето на Велика Британија од Европската унија.
Сингапур моментално заостанува само два бода зад Лондон, со 742 бода и само еден поен е подобар од Хонгконг, кој го зазеде четвртото место, што навестува сѐ поинтензивна борба за второто место на глобалното рангирање, забележува Reuters.
Институтот Z/Yen со седиште во Лондон и Кинескиот развојен институт составуваат индекс на глобалните финансиски центри на секои шест месеци, врз основа на податоците објавени од Светска банка, Организацијата за економска соработка и развој и Обединетите нации, меѓу другите.
„Финансиските центри во САД се покажаа добро, при што пет од нив се рангирани меѓу првите 10 во светот, што ја одразува силата на американската економија“, заклучуваат авторите на студијата.
Тие, исто така, додаваат дека Њујорк ја задржал својата водечка позиција на одделните рангирања на компании за финансискo-технолошките компании, каде Лондон, исто така, е втор, претекнувајќи го Сан Франциско.