Управата за јавни приходи (УЈП) веќе десет години секој месец ја објавува Листата на должници – документ кој редовно привлекува внимание на медиумите. Листата на должници не треба да биде само збирка на имиња и бројки, туку претставува презентација на даночната дисциплина и општествената одговорност на фирмите и поединците во земјата. Секој кој е присутен на таа листа го привлекува вниманието, а вниманието е насочено и кон одговорноста на УЈП да ги наплати праведно и ефикасно овие долгови. Дали Листата на должници, како неопходен инструмент за транспарентност, целосно и објективно ја разоткрива капацитетноста за враќање на овие средства како даночни приходи во Буџетот?
ШТО СЕ КРИЕ ЗАД БРОЈКИТЕ?
Најновата Листа на должници бр. 01/2025, која се однесува на долговите доспеани до 30.09.2024 и неплатени до 31.12.2024, вклучува вкупно 1.958 правни лица и 3.914 физичкилица, кои заедно должат над 11,3 милијарди денари даноци и придонеси. Овој износ изгледа застрашувачки и покажува дека даночната дисциплина во земјата не е на завидно ниво. Но, кои се долговите што ја сочинуваат оваа Листа?
Во прв план, листата содржи нови должници кои првпат се објавени во текот на 2024 година, а дел и на оваа Листа бр. 01/2025. Нивниот вкупен долг изнесува 2,5 милијарди денари, или околу 1/5 од вкупниот долг за даноци и придонеси. Ова покажува дека дел од фирмите и поединците кои се појавуваат на листата во суштина се нови „играчи“ во светот на даночните неплаќачи.