Некои компании исплаќале по пет или 10 денари како плата. Најмногу блокирани сметки има кај угостителите, транспортот, адвокатските дејности.
Околу 700 компании имаат блокирани сметки, бидејќи немаат исплатено плата на вработените од почетокот на годината, а околу 17 илјади вработени сѐ уште чекаат да ја добијат септемвриската плата. Некои компании, пак, исплаќале по пет или 10 денари како плата.
Управата за јавни приходи информира дека најмногу блокирани сметки има кај угостителите – 240, потоа во транспортот, адвокатските дејности, поправка на возила и фризерски салони и салони за убавина.
Блокада и присилна наплата
Сања Лукаревска, директорка на УЈП, на брифинг со новинарите, презентираше анализа која покажува дека со реализација на обврските со МПИН-пресметките што треба да ги достават до УЈП за уплатата на придонеси и исплата на нето-плата, доцнат 5.428 работодавачи во земјата. Од нив, 1.912 доцнат повеќе од еден месец, а 700 немаат уплатено ништо цела година.
„Кај сите се преземени соодветни мерки за присилна наплата“, вели Лукаревска.
За септември, обврска за МПИН немале исполнето 68.893 работодавачи за 552.193 вработени лица. До 7 ноември, пресметката не ја платиле 3.730 работодавачи за 8673 работници, додека 5455 работодавачи за 8.462 вработени лица воопшто не поднеле пресметка за октомври годинава.
Од доцнењето на платата во септември се засегнати 8.700 работници, од кои 6.141 вработени и околу 1.500 кои се даночни обврзници со еден вработен. Работодавач на најголем број работници (378) каде што има доцнење на платите е скопска компанија од дејноста чистење згради и објекти, потоа 148 работници не добиваат редовно плата од скопска компанија за приватна заштита, 84 работници се кај работодавач од дејноста високо образование и 79 вработени во јавно претпријатие во Виница.
Солидарен данок
Од 156 компании коишто треба да платат солидарен данок, 26 досега не ја помириле обврската. Досега по оваа основа се наплатени 37,4 милиони евра. Доколку сите ја намират обврската, тогаш износот би бил 53,5 милиони евра, велат од УЈП.
Рокот за уплата е истечен. На оние што нема да го уплатат солидарниот данок, ќе им бидат блокирани сметките.