Домаќинското работење дава резултати. За само еден месец рекордна наплата на даноци, царини и патарини. Од надлежните институции велат дека максималниот ангажман и посветеност на вработените вродиле со плод. За Управата за јавни приход, борбата со сивата економија е приоритет. УЈП минатиот месец успеа да наплати дури 217 милиони евра, што е историски рекорд, односно зголемување од 42% во однос на претходната година. УЈП прави анализи како да ја прошири даночната основа преку откривање активности кои претходно прикривале приходи. Овој проактивен пристап треба да резултира со поголема наплата на даноци до крајот на годината. Инаку УЈП интензивно се подготвува за воведување на проектот е-фактура. Веќе се одржаа состаноци со ИТ компании кои развиваат софтвери за домашните фирми за изготвување фактури. Ова треба да биде важна алатка за намалување на даночното затајување.

„Минатиот месец ги интензивиравме нашите напори со испраќање пораки преку медиумите, одржување состаноци со сметководители и стопански комори и доставување персонализирани пораки до целните групи даночни обврзници. Овие пораки содржеа специфична содржина прилагодена на секој даночен обврзник“ – УЈП.

Рекорди руши и собирањето на царински давачки. Царинската управа, собрала 195 милиони евра во јули. Директорот вели дека оваа месечна наплата е највисока во историјата на постоењето на оваа институција. Споредбено со истиот период лани, е повисока за над 16%. Причините се што царината успеала да наплати некои заостанати долгови, особено од кираџиите на нивните простории на граничните премини.

„Се обративме до сите субјекти кои од најразлични причини имале долгувања кон Царинската управа и на крајот на месецот покрај сите редовни активности што ги преземавме, покрај редовната наплата и ова си даде свој ефект. Втора работа, сите оние објекти кои ги имаме како Царинска управа за коишто требаше да се наплатат кириите на граничните премини, ги известивме писмено сите коминтенти кои ги имаат земено објектите своите долгувања кон Царинската управа да ги наплатуваат правовремено“  – Царинска Управа.

Зголемена била и наплатата на патарини во земјава во јули. ЈП за државни патишта собрало сума од 7,65 милиони евра, што е за 260 илјади евра повеќе од истиот месец лани. Досега од патарини за само 7 месеци биле наплатени 36,5 милиони евра. Надлежните очекуваат само од патарини до крајот на годината да се соберат речиси 72 милиони евра.

И покрај пониските приливи во буџетот во првите 6 месеци, особено од ДДВ и акциза, Владата со ребалансот планира да собере за 2,6% повеќе пари во државната каса. Планот е да се подобри собирањето на овие два данока и да се зголеми наплатата кај царините, данокот на добивка, данокот на личен доход, пензиско и здравствено осигурување, административни такси, концесии и неданочни приходи.