Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, вчера на покана на градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, одржа средба со бизнис заедницата од овoј град на која присуствуваше и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.
Како што информираат од УЈП, на средбата се разговарало за новиот Закон за прекршоци. Лукаревска на средбата посочила дека столбот на новиот Закон за прекршоци пред се е превенцијата.
„Да ги тргнеме драконските репресивни казни со коишто фирмите на некој начин се уништуваа. Тоа да остане во минатото. Нашата цел не е да ја намалиме дисциплината на фирмите и на физичките лица, туку едноставно да го дадеме оптималното решение со коешто казните ќе преставуваат еден вид основа за успешно работење“, изјави директорката на УЈП.
Директорот на пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, изјави дека селективност при вршење на контроли и санкционирање нема да постои.
„Како претставници на две институции коишто се најповикани таму каде се изрекуваат казни, бидете сигурни и дека како правни и како физички лица нема да има селективност“, подвлече тој.
„Тие кои прв пат ќе бидат фатени дека грешат, ја спроведуваме опомената. Ќе има и едукација. Меѓутоа, кај тие кои повеќепати прават прекршоци, таму ќе мора да се применуваат казните и таму инспекциите ќе постапуваат така како што постапувале досега“, изјави Пауновски.
Од УЈП потсетуваат дека со новиот Закон за прекршоците предвидени се 75 отсто помали казни за физички лица, како и 60 отсто помали глоби за малите фирми.