Отпочна fintech реформата на нашиот даночен систем. Ма, не е реформа ова, ова е револуција. Се воведува дигитализацијата во нашето секојдневие. Стануваме homoeconomicus…. Купуваш цигари, мастики и оп еден тикет праќаш во УЈП. Ставаш гориво во колата, оп уште една сметка праќаш во УЈП. Нарачуваш пијалок во кафиќ , пиво по пиво, сметка по сметка се редат….

А таму, во дигиталниот центар на УЈП се изведуваат сложени операции. Па се пресметува, пресметува, па кабли, па донамби… Сложени калкулации на милиони сликани сметки пристигаат во час. Општа лудница… па со ова се отвараат уште минимум 700 работни места само во УЈП, па позиција калкулатор – ликвидатор, па позиција негов асистент, па позиција кафекувар, па позиција водоносач – пошо се загреваат работнициве ликвидатори, па позиции за менаџери на средно и високо ниво… Ехе, кај ни е крајот. Пари напред назад кон граѓаните, сите среќни , сите весели и нон стоп селфи со сметките од леб и јогурт.. јууухууу

Но, за жал овде оддамна ѓаволот ја однесол шегата, па нити натписов ми е за смеење ниту проектов е хумористичен… Смешен е , но не е хумористичен…

Прво, да го разгледаме овој чуден проект МОЈДДВ од основата. Зошто е овој проект воведен?

Значи вака, ако јас купам некои стоки или услуги во вредност од 1.000 денари и на сум платил 18 % ДДВ, тоа значи дека од таа моја трансакција отишле 180 денари во државниот буџет. Па правам слика, и со баркодов како легален тендер за моево побарување од 15% на 180-те денари јас треба да чекам поврат на пари во износ од 27 денари по основ на оваа трансакција. Во ред, знам јас дека логиката ја има напуштено оваа територија оддамна, можеби и со падот на Рим, но сепак не можеме слепо да веруваме во сите „розови“ приказни. Па зошто бе луѓе едноставно не го намалите данокот на додадена вредност. Согласно пресметката од погоре, ако земам назад 27 денари од 180 денари, значи јас сум платил во суштина 153 денари данок. Следствено на тоа, намалете го данокот на 15,3% грубо речено и истиот износ ќе го вратите во економијата без никакви сликања и останати глупости… Ако Вас, почитувани фискални власти желбата Ви беше алтруистичка и добронамерна кон својот народ, едноставно намалете го данокот. Нема потреба од целата оваа драма да го претварате својот народ во фискален фотокопир-скенер. Непродуктивно, смешно и неизводливо….

Второ, бидејќи добрината кон својот народ отпаѓа од комбинација, да видиме кои се вистинските мотиви за овој „проект“. Согласно досегашните реформи, вработените во УЈП се навикнати народот да им ги врши нивните задачи. Од регистрација па сега до ловење на продавачи кои не даваат фискални. Тоа е вистинската причина за оваа „реформа-проек“. Самото тоа го потврди и директорката на УЈП :

,,Законот за враќање на дел од платениот ДДВ и начинот на којшто ќе се реализира ова мерка е прв од ваков вид во регионот, а е уште една ефикасна мерка за намалувањето на сивата економија и можност граѓаните и Управата да станат партнери во борбата против неформалната економија” – истакна Лукаревска.

,,Веруваме дека граѓаните ќе инсистираат да им се издаваат фискални сметки и ќе избегнуваат да купуваат на места каде што фискални сметки не се издаваат.

,,И граѓаните и државата имаат корист од оваа мерка. Најмногу ќе изгубат оние кои не издаваат фискални сметки или пак издаваат невалидни со што на граѓаните им го ускратуват правото на поврат” – рече Лукаревска.

Значи, и покрај илјадници вработени „инспектори“ во УЈП, граѓанинот е тој кој треба да го прави процесот на филтрација на продавачите кои не даваат фискални сметки. Инспекторите во УЈП тоа не им е работа. Нивно е на први да ја почекаат платата и ако може некаде да се казни некој ќор бизнис пред затварање. Немаат тие ни ресурси, ни капацитети и воља тие да ја вршат таа работа, уствари за која и што во нормална држава се платени. Тие треба во работно време да бркаат свои бизниси и да бистрат политика, да рекетираат по наредба или да фураат мултилевел маркетинг.

Единствено пострашно од нивната мрза, некомпетентност и неспособност е фактот што нашите фискални власти, со оваа мерка потврдуваат дека тие немаат механизми ниту начини за фискална дисциплина на целата територија. Иако се вработени на целата, оваа неуредена, територија. Плата земаат на целата територија, но особено во западниот дел, неможат тие воспостават фискален ред. А пак, од друга страна нашите сограѓани од западниот дел на државата, баш сакаат да замараат со поврат на некакви си ситни денарчиња преку вакви опасни платформи. Така да, ништо во суштина нема ни да се смени. Се знае кој повторно ќе плаќа а кој не ќе плаќа данок. И така ќе оди до недоглед, додека од држава за скоро не се претвориме во провинција на Берлин, тогаш нема да има потреба од финтек иновации за да функционира фискалиот закон на целата територија. Тогаш инспекторите ќе ја вршат работата за која се платени.

Се извинувам, можеби посташно од претходниов пасус, е празнината на државната каса, штом се прибегнува кон вакви итар-пејовски решенија за полнење на истата. Таа е крајната цел, сигурно.

Трето, во обидите на општ дискурс, денес настана узбуна дали нашите податоци ќе биле сигурни??? Па тоа е администрирано од надвор, па пресигурни се , па криптирано е се, па разноразни оправдувања кои го тргаат вниманието од главниот проблем: Зошто оваа реформа беше потребна? Или во склад со поранешните „машини за проекти“ мора и Вие да штанцате нелогични проекти. А пак и да прашам за што се толку нашите граѓани загрижени за таа сајбер безбедност на системот ? Што ќе ни украдат хакерите кои баш само со нас се занимаваат? Оние 27 денари од повратот на ДДВ или 4.730-те денари што ги имаме на дебитната картичка? Абе не бидете смешни.,…

Четврто, „Проект“ не е проект кај нас ако нема политичка конотација и магарешки инает. Се јави мојот професор кој многу го почитувам Трајко Славески. Кај него и кај професор Таки Фити ја бранев мојата дипломска работа. Тоа се економисти кои особено ги ценам и почитувам, И знаејќи ги, оваа изјава на професор Славески :

Сакам да укажам, а тоа и ќе се случи, дека оние пресметки што ги има Владата, наводно дека 50 милиони евра ќе биле вратени кај граѓаните ни оддалеку нема да се случат, затоа што за некои купувачи со помали сметки тоа не се исплатува, а може и да има инфлаторен ефект односно пораст на цените. – и не ми е баш логична.

Значи од овој професор, изјава дека 50 милиони евра ќе бидат инфлаторен поттисок, не можам да ја тумачам како ништо друго освен како политички инает. Професоре, па било да завршат овие 50 милиони евра и во М1 или во М2 монетарните агрегати, сами знаете дека во споредба со овие монетарни агрегати ова не е ништо. Распределени на 12 месеци, 4 милиони евра свеж кеш, нема да предизвика никакви инфлаторни тенденции.. или монетарни… Од проста причина што овој поврат, месечно ќе биде помалку од 1% годишен раст на М1 и М2 монетарните агрегати.

А од друга страна. што има лошо ако произведеме малку инфлација? До кога со тие стравови од распадот на Југославија и хиперинфлациите. Па денес Европската Унија преку ЕЦБ и механизмот на квантитативното олеснување ја поттикнуваат инфлацијата над 2 % годишно…. Како очекуваме раст со закована инфлација и фиксен курс веќе децении… Ова за фиксниов курс не сакам ни да го дискутрам, бидејќи ова е една таква горлива тема што мислам е заслужна за пола наша економска стагнација. Но како што покажавме преку закотвениот фиксен курс дека сме скроз неспособни во монетарната политика, со вакви „даночни револуции“ истото го покажуваме и во фискалната свера.

Тука го делам мислењето со професорот Славески дека ова е еден непродуктивен, бесмислен за наши услови, каузално погрешно поставен и искористен во погрешна насока проект кој во суштина мислам дека и нема да функционира, а ќе ги претвори нашите граѓани во скен-зајчиња кои по мали морковчиња во услови на крајна сиромаштија од библиски размери на европскиот континент само ја потврдува изреката: сиромав човек , жив ѓавол и дека штом еднаш го осиромашиш човек или народ, толку силно, можеш да го манипулираш како сакаш, вклучително и со вакви селфи сизифизми….

 

Наум Димитровски