Позицијата на Полска за меѓународните квоти за товарен превоз за Украина е „економски геноцид“, изјави на прес-конференција во Киев заменик министерот за економски развој на Украина, трговскиот претставник на земјата Тарас Качка, објави агенцијата „Укринформ“.
– Сметам дека тоа е всушност економски геноцид и бесрамно исмејување на украинската економија. Тоа ја загушува нашата трговија со Европската унија“, рече Качка.
Тој додаде дека Киев „ќе го поставува овој проблем сè додека не се реши“.
– Веруваме дека тоа не е билатерално прашање, туку прашање на намерно оштетување на нашите економски односи со Европската унија, истакна Качка.
За 2020 година, Полска определи прелиминарен лимит за Украина од 160 илјади товарни превезувања. Во исто време, Киев веќе ја имаше известено Варшава дека на украинските превозници им се потребни најмалку 200.000 дозволи годишно.
Прашањето за создавање квота конечно ќе биде разгледано на состанокот на министрите за инфраструктура на Украина и Полска, закажан за крајот на ноември.