Унгарската влада најави дека ќе ги ограничи цените на електричната енергија за илјадници мали бизниси, со што ќе ја прошири мерката за ублажување на ценовниот шок кај домаќинствата.
Одлуката за ограничување на цените на електричната енергија за малите бизниси беше објавена во четвртокот од шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гуљас.
„Ова значи дека малите бизниси, … оние со помалку од 10 вработени, ќе плаќаат намалена цена за електрична енергија“, рече Гуљас.
Владата, исто така, ги ограничи цените на горивата на три месеци минатата недела, почнувајќи од 15 ноември. Овој потег се очекува да им наштети на деловните резултати на унгарската нафтена и гасна компанија МОЛ, која постојано одбива да ја коментира одлуката на владата.
„Пресметувавме за да утврдиме колку може да поднесе пазарот и дојдовме до цена од 480 форинти за литар бензин“, изјави во петокот унгарскиот премиер.
Владата на Орбан ги намали цените на струјата и гасот за домаќинствата за време на првиот мандат, од 2010 до 2014 година, предизвикувајќи загуби кај производителите. Последователно национализираше неколку компании за да ги задржи цените ниски.
Таквата политика на Орбан му овозможи уште еден мандат на власт, а сега повторно ги чека изборите, на пролет следната година, потсетува Ројтерс.