Во понеделник (22 јануари), УНИбанка АД Скопје ќе изврши исплата на полугодишната камата по годишна стапка од девет проценти за перпетуалните обврзници од првата емисија со ИСИН MKBLBA200011 и шифра UNIPO.
Каматата ќе биде пресметана заклучно со 21 јануари.
Право на исплата имаат сите оние, кои со датум 18 јануари се регистрирани во Централниот депозитар за хартии од вредност, во книгата на иматели на перпетуални обврзници.
Од УНИбанка информираат дека тргувањето со обврзниците извршено на 15 и 16 овој месец ќе се реализира со пресметана акумулирана камата за 183 и 184 денови соодветно, „при што купувачот при порамнувањето на 17 и 18 Јануари ќе треба да му го уплати износот на чистата цена + акумулираната камата на продавачот“. Притоа, „купувачите ќе бидат регистрирани во книгата на иматели на перпетуални обврзници во Централниот депозитар за хартии од вредност на 17 и 18 Јануари 2024 година, соодветно, и нема да остварат право на исплата на полугодишната камата“.
Исто така, се наведува, согласно одлуката усвоена од Собранието на акционери, истиот ден, на 22 јануари, Банката ќе изврши откуп на 5.000 перпетуални обврзници од оваа емисија, со номинален износ од 1.000 евра за обврзница, во денарска противвредност.