Образложение за остварените финансиски резултати  на Универзална Инвестициона Банка АД Скопје за период Јануари – Септември 2018

 

УНИБанка во 2018 година делуваше во согласност со приоритетните цели и задачи дефинирани во усвоениот бизнис план за 2018 година. Клучна цел беше остварување на максимален профит преку оптимално ангажирање на изворите на средства во сигурни и профитабилни пласмани, во услови на стабилизирање на политичкиот амбиент и стабилизирање на очекувањата на економските субјекти.

  1. Сметководствени политики и методи на вреднување

Со датум 01.01.2018 година, Банката изврши усогласување на сметководствените политики согласно измените во Методологијата за евидентирање и вреднување на сметководствени ставки и за подготовка на финансиките извештаи донесена од страна на НБРМ, а во врска со стапувањето во сила на новиот сметководствен стандард ИФРС 9 кој го замени постоечкиот МСС 39.

На 01.01.2018 година, Банката изврши оценка на сите финансиски средства и во зависност од деловната цел истите ги класифицираше во соодветен деловен модел. Согласно извршената класификација Банката го утврди начинот на мерење на објективната вредност на финансиските инструменти.

Должничките финансиски инструметни кои се класифицирани во деловен модел кој има за цел наплата на договорните парични текови и единствено отплата на главница и камата, се мерат по амортизирана набавна вредност. На 01.01.2018 година, согласно барањата на МСФИ 9, Банката изврши класифицирање на портфолиото на должнички финансиски инструменти во категоријата на финансиски средства кои се мерат по амортизирана набавна вредност, и истото немаше влијание врз билансите на Банката.

Кредитното портфолио согласно избраниот деловен модел и спроведените СППИ тестови, како и до 01.01.2018 година продолжува да се мери по амортизирана набавна вредност. За усогласување со барањата на  МСФИ 9, Банката не изврши прекнижување на други сметки и истото нема влијание врз билансите на Банката.

 

  1. Остварени приходи

 

Остварените вкупни приходи од работење заклучно со третиот квартал од  2018 година изнесуваат 963,7 милиони денари  и во однос на истиот период минатата година бележат пораст од  12.9%.

Најголем придонес во остварувањето на  позитивен финансиски резултат во износ од 198,2 милиони денари имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи.

Имено, во структурата на вкупните приходи (приходи од камати, приходи од провизии и надомести, нето-приходи/расходи од курсни разлики и останати приходи од дејноста), најголемо учество од 72.5% имаат приходи од камати, кои во споредба со истиот период од 2017 година се зголемени за 15.6%, како резултат на порастот на кредитното портфолио кое во однос на 31.12.2017 се зголеми за 27.2% и достигна ниво од 14 милијарди денари. Анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на банката кон кредитирање на секторот население, и соодветно е остварен годишен пораст од 23 процентни поени на приходите од камати на население.

Порастот на кредитирањето, зголемениот обем на активности во доменот на платен промет и картично работење, придонесоа приходите од провизии на банката да се зголемат за 8.3% во однос на истиот период од минатата година.

    3.Остварени расходи

 

Остварените расходи во периодот Јануари – Септември 2018 година изнесуваат 765,5 милиони денари и бележат пораст од 15.4% во однос на истиот период од 2017 година. Значителен придонес во зголемувањето на расходите на банката имаат расходите од камати како резултат на прибирањето на дополнителни средства од финансискиот сектор. Зголемените расходи на банката произлегуваат и од порастот на административните расходи, како и поголемиот износ на издвоени средства за евентуални кредитни загуби.

 

   4.Исплатени дивиденди

Во текот на 2018 година, банката нема исплатено дивиденди.

   5.Вложувања или продажба на материјални средства

 

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 80% во однос на Декември 2017  во најголем дел како резултат на евидентирано оштетување на имотот преземен по 01.01.2010 година, чија што вредност согласно регулативата на НБРМ е сведена на  нула и на продажбата на преземен имот деловен објект со сметководствена вредност од 60,9 милиони денари и опрема со сметководствена вредност од 12,6 милиони денари.

   6.Обврски по кредити

 

Обврските по кредити во 2018 година се зголемени за 17.7% споредено со 31.12.2017  и достигнаа износ од 1.083,6 милиони денари. Зголемувањето е резултат на повлекувањето на краткорочни позајмици од домашни банки во износ од 198 милиони денари, за потребите на одржување на стабилна ликвидна позиција на банката.

   7.Исполнување на планот и очекувања за претстојниот период

 

Податоците за остварување на билансните цели на банката се над очекуваните  заклучно со третиот квартал од 2018 година. Растот на кредитното портфолио на банката е над планираниот, со особен акцент на порастот на кредитирањето на секторот население, кое бележи пораст од 32% во однос на Декември 2017.

 

Анализата на структурата на пасивата  на билансот на состојба  за 2018 година и нејзината споредба со планираната укажуваат на поголемо отстапување кај изворите на финансирање од финансискиот сектор, кои бележат зголемување од 113% во однос на 31.12.2017 и се основна причина за зголемување на цената на финансирање на банката како и стварување на понизок нето каматен приход на банката од планираниот со 30.09.2018.

 

Во претстојниот период банката очекува контролиран раст на кредитното портфолио на банката, кој би бил подржан со зголемен раст на депозитната база преку имплементација на нови депозитни продукти, во насока на зголемување на учеството на нефинансиските извори на финансирање, намалување на цената на финансирање на банката, и исполнување на зацртаните цели во Бизнис планот на Банката за 2018 година.