Спојувањето меѓу UniCredit и Commerzbank може да ја зголеми вредноста за сите засегнати страни и да создаде посилна банка, изјави извршниот директор на UniCredit Андреа Орцел за германски Handelsblatt во понеделникот.

Втората по големина италијанска банка минатата недела се стекна со девет отсто од акциите во Комерцбанк, купувајќи 4,49 отсто од германската влада за нешто повеќе од 700 милиони евра.

Така, вкупната сума на аквизицијата достигна околу 1,4 милијарди евра, објави Уникредит. Тие додадоа дека имаат намера да побараат дозвола за надминување на 9,9 отсто од капиталот на Комерцбанк, „ако и кога е потребно“.

„Спојувањето со Комерцбанк може да создаде многу посилен конкурент на германскиот банкарски пазар кој подобро ќе ги поддржи граѓаните и малите и средни компании, столбот на германската економија“, рече шефот на Уникредит во интервју за германски деловен весник.

Уникредит и Комерцбанк се преклопуваат во многу малку области, нагласи тој, додавајќи дека „акциите на Комерцбанк се на потег“. Во Комерцбанк, пишува Хина, не сакале да ги коментираат неговите изјави.

Запрашан кога UniCredit ќе ги продолжи разговорите со германската банка, Орцел изјави за Handelsblatt дека нема цврста временска рамка.

„Доколку заклучиме дека спојувањето е најдобро за двете страни, тоа би било одлично, но како главен акционер прво морам да се погрижам нашата инвестиција да се развива добро“, вели Орцел.