Италијанската банка Монте деи Паски ди Сиена е основана во 1472 година и работи и денес, но покажа лоши резултати на последниот стрес -тест на Европската централна банка, а за неа е заинтересирана УниКредит банка.

Имено, како што пишува Њујорк тајмс, минатиот месец банката Монте деи Паски ди Сиена, најстарата и се уште функционална банка во светот, доби уште едно, иако не многу ласкаво признание – најслабиот европски заемодавател, пренесува Бизнис.рс.

Банката ги покажа најлошите резултати во тестот за нејзиното финансиско здравје од страна на европските регулатори, последното темно поглавје во долгорочната сага за несреќните деловни договори, финансиски трикови, криминални дела, па дури и мистериозна смрт.

Стрес -тестот на регулаторите, кој покажа дека тешката рецесија сигурно ќе го избрише капиталот на банката, ја натера италијанската влада да се соочи со непријатна вистина: долговечноста на банката Монте деи Паски ди Сиена од пет и пол века се приближува кон крајот. Со стимулации од Рим, УниКредит, една од најголемите италијански банки, објави дека преговара за купување на Монте деи Паски под услов италијанската влада да ги задржи сите лоши заеми.

Монте деи Паски веројатно ќе продолжи да живее како бренд во филијалите на банките во централна Италија, а клиентите не треба да забележат никаква разлика, барем не на почетокот. Но, банката ќе престане да биде независен ентитет и жив потсетник дека италијанските трговци во основа го измислиле модерното банкарство за време на ренесансата.

Со работењето на банката ќе се управува од седиштето на УниКредит во Милано, а не од домашната канцеларија на Монте деи Паски во тврдината во стариот кварт на Сиена. Титулата на најстара банка во функција на тој начин ќе ѝ припадне на Беренберг банката, основана во Хамбург во 1590 година.
Проблемите на банката се непожелна пречка за италијанскиот премиер и поранешен претседател на Европската централна банка, Драги, кој се обидува да спроведе реформи и да стави крај на статусот на Италија како постојана економска кочница на еврозоната.

Препуштањето на Монте деи Паски, која беше успешно национализирана по преземањето од владата во претходната криза, „ќе ослободи ресурси, време и политички капитал за поважни прашања“, вели Лоренцо Кодоњо, поранешен главен економист во италијанската централна банка, а сега независен консултант. „Постои силен политички притисок да се најде решение што е можно поскоро“, рече Кодоњо.
Опстанокот на банката е под сомнеж со години. Нејзините проблеми започнаа во 2008 година, откако плати повеќе отколку што можеше да си дозволи да преземе ривалска банка и да се здобие со трета позиција на тогашниот пазар, зад Intesa Sanpaolo и UniCredit, потсетува Њујорк тајмс.

Во 2013 година, додека полицијата ги истражуваше наводите дека директорите на банките ги кријат зголемените загуби од регулаторите и акционерите, шефот за комуникации на Монте деи Паски, Дејвид Роси, беше пронајден мртов во уличка под прозорецот на неговата канцеларија, за подоцна да се каже дека извршил самоубиство. Членовите на неговото семејство, пак, биле убедени дека тој бил убиен затоа што знаел премногу, но полицијата никогаш не нашла убедливи докази за тоа.

Поради продажбата, 5.000 работници би можеле да останат без работа

Повеќето банки со проблеми што ги има Монте деи Паски ќе беа продадени одамна, но за жителите на Сиена, предложениот договор со УниКредит би бил како одвојување на дел од нивниот идентитет. Градот исто така ќе претрпи економска болка.

Продажбата може да доведе до дури 5.000 отпуштања, една третина од вкупниот број вработени, според извештаите на италијански весници. УниКредит одби да ги коментира наводите за отпуштања.

Стрес тестовите на банката објавени од Европската централна банка во јули открија колку е ранлив Монте деи Паски и покрај повеќекратните докапитализации и планови за пресврт. Во случај на сериозна рецесија која може да трае до 2023 година, капиталот на банката ќе се намали на речиси нула, покажаа резултатите од тестот.

На банката ќе ѝ требаат „значително над 2,5 милијарди евра, или 2,9 милијарди долари нов капитал, за да преживее“, изјави министерот за економија Даниеле Франко пред италијанскиот парламент.