Управата за финансиска полиција во текот 2018 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 74 кривични пријави против 68 правни лица и 163 физички лица со кои е нанесена штета на Буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 3.018.354.504 денари или 48.919.846 евра, пренесува МИА.
Како што информираат од Управата, бројот на поднесени кривични пријави за 2018 година во однос на претходната година е зголемен за 51 процент, а во споредба со 2016 година за 80 проценти.
За „злоупотреба на службена положба и овластување“ во 2018 година поднесени се 23 кривични пријави против три правни лица и 73 физички лица со кои е нанесена штета на Буџетот во износ од 2.762.907.968 денари. За „даночно затајување“ поднесени се 43 кривични пријави против 62 правни лица и 79 физички лица со кои е нанесена штета во износ од 221.731.159 денари.
За други кривични дела поднесени се осум кривични пријави против три правни лица и 11 физички лица со кои е нанесена штета во износ од 33.715.377 денари.