Внимавајте на фиктивни инвестициски платформи кои нудат брза заработка и вложувања во виртуелни односно крипто-средства. Менувачниците задолжително да го применуваат Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам во целост.
Управата за финансиско разузнавање како надлежна институција основана за целите на прибирање и анализа на извештаи за сомнителни трансакции и други информации од значење за спречување и откривање перење пари и финансирање на тероризам, се придружува на апелите, од страна на останатите надлежни органи и ги предупредува граѓаните да бидат внимателни со сопствените парични средства и навремено да препознаат фиктивни измамничко-инвестициски платформи, односно да не инвестираат во ваквите платформи и апликации.
Од друга страна, имајќи предвид дека голем дел од граѓаните се стекнаа со крипто-средства преку давателите на услуги поврзани со виртуелни средства во нашата држава (најчесто локални менувачници во државата кои се задолжени да применуваат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање на тероризам), ги повикуваме истите да не ги поттикнуваат и да не им помагаат на граѓаните во вршењето на трансакции, односно депонирање на крипто-средства кон ваквите потенцијално измамнички апликации.
Тие немаат реален производ или услуга и преставуваат параван зад т.н пирамидални шеми, односно се финансираат од вложувањето на новите членови. По одредено време организаторите ја згаснуваат платформата, а средствата на лицата коишто ги депонирале во ваквите платформи никогаш нема да имаат можност да ги повратат. Измамата не завршува најчесто тука, туку продолжува во втора фаза односно измама за т.н. „поврат на средства“, каде што организаторите на ваквата платформа уште еднаш ги искористуваат жртвите и ги насочуваат лицата дека преку депонирање на нови средства можат да ги повратат претходно изгубените средства. На тој начин жртвите на измамата се измамуваат по втор пат, а средствата секако нема да им бидат вратени назад.
Организација на обединетите нации во своите извештаи поврзани со криминалитетот во пост-Ковид19 периодот, како и останати меѓународни организации укажаа на нов облик на организиран криминал, генерално од азискиот регион кој вклучува трговија со луѓе, каде илјадници лица кои се жртви на облик на насилен криминал се принудени да вршат измами поврзани со инвестирања во виртуелни односно крипто-средства и барање на жртви низ целиот свет .
Како да препознаете потенцијално измамничка платформа за брза заработка на средства?
- Не е во регулатива и надзор од надлежна институција во државата или земја од Европската Унија.
- Не постои т.н инвеститорска програма (white-paper) за самиот проект во одобрен од надлежен орган или тело.
- Не можат да се најдат податоци за називот на компанијата
- Не можат да се пронајдат податоци дека правното лице е лиценцирано за активноста
- Интензивна маркетинг кампања преку социјалните мрежи
- Комуникацијата со лицата кои се претставуваат дека се надлежни или администратори/регрутери се одвива исклучиво преку социјалните мрежи како Telegram и Whatsapp
- Апликациите коишто нудат „брза заработка“ не се достапни на „PlayStore“
- Не можете да најдете податоци за техничка поддршка за самата платформа
- Средствата коишто ги депонирате не можете да ги располагате слободно
- Платформата интензивно се рекламира дека соработува со реномирани компании
- Заработката од платформата е поврзана со извршување на одредени задачи, внесување на нови членови како и инвестирање
Дополнително, Управата за финансиско разузнавање ги повикува менувачниците за крипто-средства во целост да го почитуваат Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, односно да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување перење пари и финансирање на терроизам кои вклучуваат изготвување на проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам и нејзино редовно ажурирање, воведување и примена на програми за ефикасно намалување и управување со идентификуваниoт ризик од перење пари и финансирање на тероризам, анализа на клиентите односно идентификација на секоја трансакција независно од износот, известување и доставување на податоци, информации и документација до Управата, чување, заштита и водење евиденција на податоци, именување на овластено лице и негов заменик и/или формирање на оддел за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.