Лани УНИ Банка имаше солидно подобрување на резултатите од своето работење по повеќе основи. Зголемени се приходите од камати и нето приходите од камати, зголемени се нето приходите од надоместоци и провизии, резервациите се во позитива, а загубата заради оштетување нефинансиски средства е сведена на петпати пониско ниво во однос на 2016 година. Секоја акција носи зголемена добивка за 69 отсто во однос на претходната година. Значајно лани пораснале кредитните пласмани како и депозитите на коминтентите. Очгледно е дека со финансискиот извештај за 2017 година банката ја утврди довербата кан инвеститорската јавност за нејзините перформанси. Останува да видиме да ќе се материјализира довербата на инвеститорите преку поделба на дивиденда.
Исто така банката лани имала нето приходи од камати во износ од 656,3 милиони денари што е за 94 милиони денари подобар резултат од 2016 година односно 16,7 отсто. Тоа се должи на зголемување на приходите од камати, а паралелно со тоа и намалување на расходот за камати. Зголемувањето на приходите од камати е резултат на раст на портфолиото и утврдување на пазарната позиција. Напоредно банката ги зголеми приходите од провизии и надоместоци на бруто и на нето основа. На нето основа тие лани биле 125 милиони денари и макар и за нијанса се повисоки од 2016 година. Многу е значајно за добивката тоа што банката годинава е во позитива од билансот на нововпишани и на ослободени резервации на кредитните пласмани. Така на крајот на годинава таа излегла во плус од 16,56 милиони денари, а иста била тенденцијата и во 2016 година.
Забележлив е благ раст на трошоците за вработените кои се всушност и најголема ставка со износ од 253,6 милиони денари и во однос на 2016 година пораснале за 14 милиони денари.
Добивката на банката лани е 242 милиони денари и во споредба со 2016 година е повисока за 100 милиони денари.
Билансот на состојба покажува дека УНИ Банка лани го зголемила нивото на кредитирање за 1,4 милијарди денари до износ од 11 милијарди денари и тоа претставува раст од 15 отсто во однос на 2016 година. Паралелно со ова депозитната база на банката пораснала за една милијарада денари и на крај на 2017 година достигнала износ од 12,586 милијарди денари.