Со 57 гласа „за“, без гласови против и воздржани, вчера Собранието го усвои новиот Закон за јавни набавки кој ќе стапи во сила од април. Министерството за финансии соопшти дека новиот закон за јавни набавки е усогласен со легислативата на ЕУ и дека ќе обезбеди рационално трошење на државните пари, фер конкуренција и транспарентност при јавни набавки. Со новиот закон е предвидено воведување на економски најповолна понуда како единствен критериум за доделување на договори при што во примената ќе бидат вклучени цената, само трошокот или најдобриот однос меѓу цената и квалитетот.
„Со воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите, освен што се врши усогласување со директивите од 2014, се отстрануваат и повеќекратни негативни ефекти од досегашното користење на критериумот најниска цена. Сведоци сме дека послаб квалитет или трошоци за поправки ја чинат државата многу повеќе,“ изјави министерот Драган Тевдовски на вчерашната седница, образложувајќи го Законот.
Тој додаде дека со законот се подобруваат и условите за вклученост на малите и средните претпријатија во јавните набавки. Во новиот закон се предвидени и осум исклучоци кои се однесуваат на јавни набавки во одбраната и безбедноста, затоа што на крајот на март треба да биде завршен и новиот закон кој ќе ги опфаќа овие области.