„Повторното актуализирање на инфлацијата и новата геополитичка реалност во прилог на преосмислувањето на макроекономската политика“ е темата на Деветтата меѓународна истражувачка конференција, којашто Народната банка годинава ја организира во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ).
Конференцијата, со поздравни обраќања, ќе ја отворат претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и челните претставници на институциите-организатори, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, и извршниот директор на КПБВ, Марк Узан. Воведно обраќање на Конференцијата ќе има и директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, Алфред Камер.
Следејќи ги актуелните текови и потребата за научно истражувачки придонес, годинава предмет на дискусија ќе бидат повеќе теми, меѓу кои, идните движења на макроекономската политика, стратегиска автономија и фрагментацијата во контекст на централното банкарство, како и регионалната перспектива за членство во ЕУ во новото глобално окружување. На Конференцијата ќе учествуваат гувернерите на Литванија, Ерменија, Словенија, Хрватска и на Албанија, алтернативниот член на Одборот на централната банка на Швајцарија, вицегувернерот на Централната банка на Белгија, високи претставници на Светската банка, Европската комисија, ЕИБ, ЕБОР, БИС, како и истакнати академски претставници.
Истражувачката конференција на Народната банка прерасна во повеќегодишна традиција, каде што се сретнуваат претставници на носителите на макроекономските политики, меѓународните институции и истакнати истражувачи од економската сфера, кои преку дискусии на актуелни теми придонесуваат кон натамошен економски развој и просперитет, нудејќи нови идеи, визии и политики.
Отворањето на Конференцијата, на 29 септември 2023 година со почеток во 10 часот, можете да го проследите на следнава ВРСКА.