Годинава увозот до крајот на јули е поголем од остварениот во истиот период 2019 година. За седум месеци оваа година Царината регистрирала дека во земјава влегле 27.492 патнички автомобили, додека лани биле увезени 26.180. Сопствениците на автоплацеви посочуваат дека растот на бројките што ги објавува Царинската управа делумно е резултат на царинењето на возилата со странски таблички, што за половина од давачките се вршеше до 21 јули
Близу 5.000 патнички возила се увезени во јуни годинава, што е рекордна бројка за тој месец во последниве неколку години. Во јули, пак, увозот опаѓа, што не е карактеристично, зашто во годините пред пандемијата во тој период увозот на возила почнува да расте.
Евиденцијата на Царинската управа за јуни годинава покажува увоз на вкупно 4.928 патнички автомобили, од кои поголемиот дел, или 3.974 се употребувани, а 612 се нови. Во јули увозот е намален до 3.577 возила, од кои 2.600 се стари.
Лани во истиот период увозот бил речиси двојно помал, а во 2019, годината пред пандемијата, во јуни влегле исто така помалку патнички автомобили, односно вкупно 3.218, додека во јули увозот надминал 4.300.
Вкупно, годинава увозот до крајот на јули е поголем од остварениот во истиот период 2019 година. За седум месеци годинава Царината регистрирала дека во земјава влегле 27.492 патнички автомобили, додека лани биле увезени 26.180.
Иако бројките покажуваат задоволителни резултати споредено и со минатата и со предминатата година, увозниците на автомобили се жалат дека бизнисот воопшто не им цвета. Појаснуваат дека растот на увозот до крајот на јуни делумно се должи и на царинењето на возилата со странски таблички, кои со посебен закон до 21 јуни можеа да се регистрираат во нашата држава со половина од цената на сите давачки. Од Царинската управа за весникот ВЕЧЕР информираа дека некаде од средината на јануари, до крајниот законски рок, 21 јуни се царинети близу 5.000 возила со странски таблички, од кои над 3.000 се со бугарски. Владата планираше од префрлањето на овие возила на македонски таблички да собере 25 милиони евра, но до истекот на рокот наплатени се само 6,5 милиони.
Од станиците за технички преглед на возила велат дека голем дел од возилата останале со странски таблици поради проблеми со документите, но и поради роковите предвидени со Законот, па посочуваат дека увозот би продолжил да расте доколку се донесе одлука рокот да се пролонгира и во наредниот период, како што бараат дел од сопствениците на возила со странски регистрирани.
Увозниците на половни автомобили, пак, велат дека зголемениот увоз не е резултат на зголемена побарувачка на возила. Посочуваат дека постои неизвесност околу увозот на половни возила во очекување наскоро да се реализира најавата од Министерството за економија наместо сегашниот ЕУРО 4, увозот на автомобили да се ограничи на повисокиот еколошки стандард ЕУРО 5, кој повлекува и повисоки цени на автомобилите.
На автоплацевите сега најбарани се возилата со цена до 3.000 евра. Пресметките на трговците со овие возила покажуваат дека со ограничувањето на увозот на најмалку ЕУРО5 стандард најевтините возила би поскапеле за минимум 500 евра.
Сопствениците на автоплацеви велат дека ланската година поради рестрикциите што произлегоа од пандемијата за нив била најкатастрофална, а годинава пазарот почнал малку да се опоравува иако се воведе посебната еколошка такса поради која возилата во старт поскапеа за 300 до 500 евра. Посочуваат дека уште едно поскапување кое би се случило ако еколошкиот стандард се покачи на ЕУРО5, за нив би била погубна.
Во моментов на автоплацевите најбараните возила се постари од 10 години и се со цена од околу 3.000 евра. На пример, „форд фиеста“ на дизел погон произведен 2008 година, се продава за нешто помалку од 3.000 евра. Цената на „опел корса“ од 2001 година е 2.450 евра, но има понуда на автомобили и за повеќе од 10.000 евра. На плацовите што ги проверивме поретко се наоѓаат возила произведени од 2010 наваму, а тие што ги има се со далеку повисоки цени.