Од јануари до ноември годинава во однос на истиот период лани увозот на стока од странство во земјава бележи намалување од седум отсто, пад има и кај извозот од 11 отсто. Но, ваквите негативни податоци директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски ги оценува како солидни, бидејќи вели – на глобално ниво економијата е во сериозни проблеми. Намалените царински давачки за одредени категории на стоки се покажале како добра антикризна мерка, тврди Танасосоки, исто како и таканаречените „зелени коридори“ за непрекинато работење на меѓународните синџири на снабдување.

Паралелно беше воведена и приоритетна листа на стоки за извоз, каде се вклучени свежи земјоделски производи и прехранбени производи, медицинска опрема и лекови – изјави Ѓоко Танасосоки директор на Царинската управа.

Транспортерите потврдуваат дека со воведувањето на едноцаринските контроли на границите работата им оди побрзо. Дури 70 отсто од транспортерите истакнале дека сега во просек за еден час побрзо ја минувале границата. Но, бизнисмените сметаат дека потребно е да продолжат мерките од државата за полесно пребродување на кризата.

Потребно е да се фокусираме во наредниот период на мерки кои ќе имаат подолгорочни ефекти со кои ќе се одржи економската активност на приватниот сектор -рече Билјана Пеева Ѓуриќ, Стопанска комора.

Инаку, транспортниот сектор се соочуваше со сериозни потешкотии со функционирањето на стартот од пандемијата кога им беа потребни ковид тестови за влез и излез во државите, но проблемот се надмина. Но, дополнителен удар потоа им зададе државата кога ја зголеми акцизата за нафта. Револтот беше толку голем што транспортерите ги паркираа камионите пред владината зграда, но одлуката на власта не беше променета.