Директорката на АХК, оцени дека промената на власта во Германија, нема да ги промени плановите за економскиот развој и извозот во идната трговско-индустриска соработка, најавувајќи нова германска инвестиција во Македонија за производство на пластика

Доследната примена на зелената економија, проектите за заштеда на енергија и еколошкиот аспект ќе бидат пресудните елементи за носењето на идните инвестициски проекти на германските компании во земјава виза ви регионот, потенцираше директорката на АХК Северна Македонија, дел од мрежа на германските комори во светот, Антје Ванделт. Таа на брифинг со новинарите потврди дека германската економија во моментот се наоѓа во фаза на транзиција, што предизвикува грижа кај добавувачите, но радува фактот што германските компании мајки, најавуваат враќање на старите патеки од втората половина на 2025 година. Ванделт упати охрабрувачка порака до македонските работници кои се ангажирани во германските компании кои работат во земјава, додавајќи дека не треба да се грижат за нивните работни места и платите. Директорката на АХК, оцени дека промената на власта во Германија, нема да ги промени плановите за економскиот развој и извозот во идната трговско-индустриска соработка, најавувајќи нова германска инвестиција во Македонија за производство на пластика.

-Нам како АХК не ни е познато дека некоја германска компанија ќе отпушта работници или ќе ги намалува платите. Добрата вест е дека нашите инвестиции не се насочени само во автомобилската индустрија во земјава, туку се диверзифицирани во повеќе сектори. Македонија може да ја види својата шанса за привлекување на нови инвестиции во иднина, бидејќи германските компании сигнализираат охрабрувачки знаци за втората половина од следната година. Тие се во потрага по нови пазари со акцент на зелената економија и реинвестираат и во други сектори – додаде Ванделт.

Таа потврди дека е забележано намалување на македонскиот извоз кон Германија, а зголемениот увоз на германски производи на макединскиот пазар според неа се должи на увозот на техничка опрема и разни машини, така што има извесен баланс меѓу извозот и увозот.

 

 

Ванделт истакна дека изминатава година во фокусот на АХК била одржливата зелена енергија, обновливите извори на енергија и заштитата на животната средина, а така ќе продолжат и во 2025-та. Таа е посебно горда на проектот за „Младата енергија на Европа“, која нуди обуки на младите луѓе кои се вработени во компании и кои развиваат свои идеи за заштеда на енергијата.

-Ние даваме тренинг и едукација на младите луѓе кои добиваат шанса за да направат промени во нивните компании- истакна Ванделт.

Инаку, македонскиот извоз изнесува 6,56 милијарди евра за периодот јануари – октомври, а наш најголем трговски партнер и понатаму останува германската економија, објави Државниот завод за статистика. На германскиот пазар завршиле повеќе од 40 отсто од целиот македонски извоз во првите десет месеци годинава. Вредно за истакнување е тоа што во првите десет месеци македонскиот извоз е намален за 382 милиони евра пред се заради рецесијата во Германија, а воедно и поради намалената економска активност во земјите на Европска унија генерално.

-Германија традиционално и убедливо е број еден трговска дестинација за македонската извозно ориентирана економија. За десет месеци таму нашите компании извезле стоки во вредност од 2,67 милијарди евра и тоа е 41 отсто од целиот македонски извоз. Годинава во споредба со истиот период лани извозот е намален за дури 416 милиони евра и тоа не е резултат на неконкурентноста на македонската економија туку на рецесијата или политички кажано „забавувањето“ на германската економија. Како и да е Германија и понатаму останува најголем партнер на македонската економија, а така ќе биде и во догледна иднина. Германскиот увоз во Македонија за десет месеци изнесува 1 милијарда евра и во споредба со лани е поголем за 7 отсто односно речиси 60 милиони евра – велат експертите.