Иако важи за супер храна, македонските граѓани многу ретко садат брусница.
Дури и ако тоа го практикуваат, ја садат на мали површини, за свои потреби, но мнозинството не се заинтересирани за поголема инвестиција. Граѓаните не се сигурни дека ако вложат во поголем насад, ќе имаат сигурен откуп и дека ќе можат да заработат од брусницата. Во нашето поднебје брусницата нема традиција на одгледување. Таа може да успее во Македонија, но не секаде, туку на места со поголема надморска височина. Оваа култура бара наводнување, обработка, а некоја поголема хемиска заштита не е потребна. Садниците имаат род и во првата година, но оние кои ја одгледуваат ефективен и богат род можат да очекуваат по 3 или 4 години. Дополнително, она што ги демотивира граѓаните да засадат повеќе садници брусница е тоа што само дел од населението ја консумира, и таа не наидува на некоја широка примена.
„Досегашно наше работење покажува дека нема интерес за подигање на насад од брусница. Ние во текот на годината имаме само малопродажба на садници и тоа не повеќе од 20 садници во текот на целата садна сезона“, велат од Опитно Поле ФЗНХ Дооел Скопје.
Имаме многу сончеви денови, вода, плодна почва, но во пракса повеќе причини ги кочат земјоделците да се занимаваат со производство на ова овошје.
„Јас лично не би одела на таа варијанта со брусница, затоа што иако може да успее, ако нема извоз, таа не поминува на нашиот пазар, затоа што тука повеќе ги бараат дивите билки. Ако досега некој не се одлучил за садење на брусница, сега ќе биде уште потешко, затоа што производството станува поскапо. Ако зборуваме за 5, 10 садници за себе е едно, но за поголеми плантажи е поинаку и многу потешко“, вели Емилија Пехчевска, собирач на диви билки и производител на овошје од Берово.
Бидејќи е богата со витамини, брусницата помага во превенција на повеќе болести. Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), во 2021 година, во државата се регистрирани 516.733 хектари обработлива површина, но генерално кај производството на овошје има намалување.