Британската даночна управа денеска соопшти дека ги запленила првите НФТ (незаменливи токени) во акција за сузбивање на дејствија за кои има сомневање дека се незаконски, односно за прикривање пари и друг имот заради даночно затајување.

Британската служба за приходи и царина заплени три НФТ, по истраги за обиди за измама на државната каса за 1,4 милиони фунти.

НФТ е „незаменлив токен“, или криптографски заштитена сопственост во дигитална форма, а претставува одреден предмет од посебна вредност, како што се уметнички дела, видеа и слично. Како форма на криптовалута, НФТ користи блокчејн технологија за да го одреди сопственичкиот статус на дигиталните записи.

Истрагата резултираше со заплена и на друг криптоимот со вкупна вредност од околу 5.000 фунти, како и со апсења. Приведени се три лица, поради сомнение за даночна измама во која се вклучени 250 фиктивни компании.

Службата за економски криминал порача дека оваа заплена на НФТ, чија вредност сè уште не е проценета, е предупредување за сите оние, кои се надеваат дека со користење криптовалути ќе можат да скријат пари.