„Ние во овој период имаме пристап до европските предпристапни фондови, т.н ИПА. Во изминатите 10 години се искористени некаде околу 35 милиони евра, кои што со европски пари се реконструирани граничните премини Табановце, Ќафасан, Блаце. Сега сме во процес на отварање на Маркова Нога, Делчево. Тие сите погодности, тие европски парични средства значат, можност за побрз проток на стоките и на патниците“, вели во интервју за Рацин.мк Златко Ветеровски, помошник директор во Царинската Управа на Северна Македонија.
Тој додаде дека ЕУ го нуди концептот на т.н паметни граници, односно во иднина со новиот компјутеризиран транзитен систем стоките ќе влегуваат во ЕУ со т.н QR код, односно веќе само ќе имате на мобилен апарат, ќе го прикажете QR кодот, и на тој начин стоките, камионот ќе може да влезе во некој земја што е членка на ЕУ.
„За компаниите, погодноста е тоа што тие немаат никакви давачки, во поглед на увозот кон Европската Унија, со процесот на Овластен економскиот оператор и постапката за меѓусебно признавање со ЕУ ќе биде овозможено да оние компании што имаат статус на доверливи компании, кои што е докажано дека ги почитуваат прописите од ЕУ, исто така, нема да бидат подложни на никакви дополнителни контроли. Односно целта е да вие можете што побрзо да ги транспортирате стоките, во овој период кога нели се соочуваме со енергетска криза, со транспортни кризи, а знаеме дека сме ние први соседи на ЕУ, тоа за компаниите ќе значи многу поголеми можности за нови пазари, за нови купувачи и за поголем економски раст и развој“, заклучи Ветеровски.