Сликата е превземена од: pixabay.com / Автор: Tumisu
Кредитите претставуваат финансиски производи што ги нудат банките и финансиските институции со цел да им помогнат на поединци, студенти, бизниси или семејства да ги задоволат своите финансиски потреби. Зависно од категоријата на корисници или намената на самиот кредит, постојат повеќе видови на кредити.
Во продолжение, ќе ги разгледаме главните типови на кредити и нивните разлики. Тоа ќе ви помогне да го направите вистинскиот избор на кредит кога имате потреба и ќе ве научи како правилно да управувате со позајмените средства. Со правилно управување, кредитите можат да бидат моќна алатка за постигнување финансиски цели.
Видови на кредити: Какви кредити постојат?
Бизнис кредити
Што се бизнис кредити? Бизнис кредитите се финансиски средства што банките и финансиските институции ги одобруваат на компании или претприемачи за да им помогнат во финансирање на нивните деловни активности. Тие можат да се користат за различни цели, како што се:
- Финансирање на работен капитал: Обезбедување средства за секојдневни трошоци, како плати, закуп или набавка на залихи.
- Ширење на бизнисот: Отворање нови локации, купување опрема или проширување на производствените капацитети.
- Инвестирање во технологија или иновации: Подобрување на деловните процеси со нови технологии.
- Ненадејни трошоци: Покривање на итни и неочекувани финансиски потреби.
Добивањето на бизнис кредит често зависи од кредитната историја, приходите и деловниот план на компанијата.
Хипотекарни кредити
Хипотекарните кредити се долгорочни заеми што банките или финансиските институции им ги одобруваат на физички или правни лица за купување, изградба или реновирање на недвижен имот, како што се куќи, станови или деловни простории. Како гаранција за отплата на кредитот, се користи самиот имот што се купува или гради, кој служи како хипотека.
Како главни карактеристики на што се хипотекарни кредити, би ги споменале:
- Тие се обезбедени со хипотека која служи како гаранција (колатерал) за кредитот.
- Имаат долгорочен рок на отплата од 10 до 30 години, во зависност од договорот со банката.
- Нивната намена е стрикно за купување на нов или стар имот, изградба на нов објект, реновирање или доградување на постоечки објект или рефинансирање на постоечки хипотекарен кредит.
- Потребната документација вклучува документи за имотот, како катастарски извод и имотен лист.
Студентски кредити
Студентски кредити се вид на финансиски заеми дизајнирани специјално за студенти, со цел да ги покријат трошоците поврзани со образованието. Тие можат да ги финансираат:
- Школарината
- Купувањето на учебници и материјали
- Сместувањето и живеењето
- Други трошоци поврзани со образованието
Кога станува збор околу тоа кои се предностите на студентските кредити, би ги споменале нивните релативно пониски каматни стапки и поповолни услови за отплата, прилагодени на можностите на студентите.
Лични кредити
Личен потрошувачки кредит е финансиски заем што банките и кредитните институции го одобруваат на физички лица за лични потреби, без задолжителна намена. Тие обично се необезбедени кредити, што значи дека не бараат колатерал (гаранција). Меѓутоа, може да бидат понудени и како обезбедени кредити ако заемопримачот приложи имот или друга гаранција.
Личните кредити, без разлика дали се брзи или традиционални кредити, најчесто се користат за консолидирање долгови, реновирање на домот, купување на возило, образование, патувања, одмори или итни трошоци. Предност на овие кредити е нивната лесна достапност, флексибилна отплата, можност за избирање помеѓу фиксна или варијабилна каматна стапка, како и слобода за користење на средствата без претходно давање инфомрација за нивна конкертна намена.
Категории на кредити според обезбедување
Кредитите можат да се класифицираат во две главни категории, во зависност од тоа дали се обезбедени или необезбедени:
- Обезбедени кредити – Обезбедени кредити се заеми кои бараат гаранција или колатерал за да се обезбеди отплата на кредитот. Ако заемопримачот не ги исполни обврските за отплата, кредиторот има право да го конфискува обезбедениот имот (како што е недвижност или возило) и да го продаде за да ги наплати долговите. Во оваа категорија на кредити спаѓаат неколку видови на кредити, како хипотекарен кредит, автомобилски кредит и лични кредити од поголем износ.
- Необезбедени кредити – Необезбедени кредити не бараат никакво обезбедување или колатерал, што значи дека кредиторот не може да го одземе имотот на заемопримачот ако не ги исплати обврските. Наместо тоа, кредиторот се потпира на кредитната историја, приходите и други фактори на заемопримачот при донесувањето на одлуката за одобрување на заемот. Во необезбедени кредити спаѓаат личните потрошувачки кредити, студентските кредити и кредитните картички.
Глевните разлики меѓу обезбедени и необезбедени кредити се потребата или отсуството од барање за приложување на гаранција, износот и намената на кредитот.
Типови на кредити според времетраење
Кредитите можат да се класифицираат според времетраењето на отплатата во краткорочни и долгорочни кредити. Овие две категории се разликуваат по времето во кое треба да се отплатат и по нивната намена.
- Краткорочни кредити – Краткорочни кредити се заеми што обично имаат рок на отплата до 12 месеци, но понекогаш можат да бидат и со помал рок (неколку недели или месеци). Тие се обично се одобруваат за покривање на краткорочни финансиски потреби или за непредвидени трошоци.
- Долгорочни кредити – Долгорочни кредити се заеми со рок на отплата што обично надминува 12 месеци и може да биде од неколку години (помеѓу 5 и 30 години или повеќе, во зависност од типот на кредитот). Овие кредити најчесто се користат за големи инвестиции како што се купување недвижен имот, автомобил или за значителни бизнис потреби.
Сликата е превземена од: unsplash.com / Автор: Jakub Żerdzicki
Брзи или традиционални кредити?
Брзи кредити и традиционални кредити се два различни типа на заеми што се нудат од кредитори. Тие имаат различни карактеристики, брзина на одобрување и употреба, што ги прави погодни за различни намени.
Брзите кредити се краткорочни заеми кои се одобруваат и исплаќаат во многу краток рок, обично за неколку часа или ден-два. Тие се идеални за луѓе кои имаат итни потреби за пари и сакаат да ги избегнат долгите процеси на одобрување на кредит.
Карактеристично за брзите кредити е нивното брзо одобрување (неколку часа или неколку денови), мали износи, релативно краток рок на отплата, и минимални барања за документација. Но, тука мора да напоменеме дека брзите кредити носат и повисоки каматни стапки и високи казнени камати доколку не се почитува однапред договорениот рок на отплата.
Од друга страна, традиционалните кредити се долгогодишни заеми кои обично се одобруваат од банки или финансиски институции. Овие кредити обично имаат подолг рок на отплата и се користат за поголеми финансиски цели.
Главни карактеристики на традиционалните кредити се нивните поголеми износи, пониски каматни стапки, но и поголеми барања и подолготраен процес на одобрување. За овие кредити, потребна е добра кредитна историја и стабилни приходи.
Заклучок
Во зависност од индивидуалните можности и потреби на кредитобарателите, постојат повеќе видови на кредити кои се достапни за различни категории на корисници и нивните потреби.
Знаејќи повеќе околу тоа какви кредити постојат и кои се нивните главни карактеристики, кредитобарателите ќе можат полесно да изберат тип на кредит што одговара на нивните финансиски потреби.