Во зависност од критериумите според кој се врши поделба, постојат различни видови осигурување кои во понатамошниот текст детално се образложени

 

  • Според начинот на склучување на договорот, животното осигурување може да се изврши со лекарски и без лекарски преглед. Кога некое лице сака да склучи договор со голема сума на осигурување, пракса на осигурителните куќи е таков договор да склучат по извршен лекарски преглед. Овој сегмент е многу важен поради обврската на осигурителот и за проценка на ризикот. Кај осигурување во случај на смрт, доголку смртта настапи во првите 6 месеци од договорот, а не е извршен лекарски преглед, на осигурениот му се исплатува 50% од осигурената сума. Доколку е извршен лекарски преглед осигурената сума се исплаќа во целост.

 

  • Според бројот на осигурените лица, животното осигурување се дели на колективно и индивидуално. Колективно е она осигурување кога работодавецот сака да плаќа осигурување за своите вработени и за тоа склучува колективен договор, а индивидуално е она осигурување кај кое за секој осигурен се склучува посебен договор.

 

  • Според ризикот опфатен со осигурувањето, животното осигурување се дели на осигурување во случај на смрт, доживување, мешовито и со утврдена исплата.

 

 

„Ако било што лошо може да се случи, тоа и ќе се случи“     

Phillip Beraud

Осигурувањето во случај на смрт е наједноставен и најстар облик на животно осигурување. Во праксата овој вид осигурување се јавува во две варијанти, како доживотно осигурување во случај на смрт и осигурување во случај на смрт со одреден рок на траење. Кај првата варијанта осигурената сума се исплатува кога осигурениот умира, без разлика кога ќе настапи смртта. Обележја на оваа варијанта се: фиксна премија, фиксна осигурена сума, можност за откуп, премијата обично се плаќа до смртта на осигурениот, и ова осигурување содржи повеќе елементи на штедење. Кај другата варијанта, осигурената сума се исплатува ако осигурениот умре во текот на траење на осигурувањето, а ако остане жив до истекот на осигурувањето, уплатената премија останува на осигурителот. Овде се работи за ризико осигурување. Најчесто е без учество во добивката и премиите се релативно мали во однос на осигурената  сума.

Осигурувањето во случај на доживување е тип на осигурување кај кое осигурената сума му се исплатува на осигурениот кога тој ќе доживее одредена старост. Целта на ова осигурување е осигурениот да се обезбеди во случај на старост.

Мешовитото осигурување е најпопуларно животно осигурување. Тоа претставува спој на осигурување во случај на смрт и за случај на доживување. Осигурителот се обврзува да му ја исплати на  осигурениот, оносно наследниците, осигурената сума ако смртта настапи во текот на траење на осигурувањето, или на осигуреното лице кога ќе истече договорот за осигурување, т.е. кога ќе се доживее договорениот рок. Ова е најповолен вид на осигурување бидејќи осигурениот со него се обезбедува во случај на доживување, а наследниците во случај на смрт. Најчести облици на склучување на овој вид осигурување се: мешовито осигурување со непроменлива премија и осигурена сума; мешовито осигурување на два живота со непроменлива премија и осигурена сума; разни мешовити осигурувања каде осигурената сума се исплатува по случувањето на одреден настан (брак, дипломирање, …); разни облици на мешовито осигурување со растечка премија и осигурена сума итн. Обележја на ова осигурување се: траењето на договорот е одредено, условите на осигурување не може да се менуваат, осигурувањето може да се откупи итн.

Осигурувањето со утврдена исплата  е она кај кое осигурителот  се обврзува да исплати на осигурениот или наследниците во моментот кога ќе истече рокот утврден во полисата.

Доколку осигуреното лице умре во текот на траење на осигурувањето, осигурената сума му се исплаќа на наследниците, а обврската за плаќање на премија престанува.

  •  Според начинот на исплата, осигурената сума  може да биде исплатена одеднаш во еднократен износ (осигурување на капитал) или во вид на рента во одреден временски период (осигурување на рента).

Осигурувањето на капиталот  може да биде за случај на доживување кое осигурениот го прима лично и за случај на смрт кога го примаат неговите наследници или трети лица назначени во договорот за осигурување.

Осигурувањето на рента се јавува како осигурување на лична рента која осигурениот лично ја прима или на рента која се исплатува на неговите наследници, т.е. на трети лица со која осигурениот ги обезбедува членовите на семејството во случај на смрт. Во зависност од времетраењето, рентата може да биде доживотна или со одреден рок (темпорална), а во зависност од  почетното време на примање на  непосредна и одложена. Исплатата на непосредната рента почнува да тече од моментот на склучување на договорот и е попогодна за постари лица кои располагаат со одредена готовина, а исплатата на одложената рента започнува подоцна, односно кога од склучувањето на договорот до почетокот на исплатата помине одреден период. Исплатата на одложената рента е попогодна  за помлади луѓе кио немаат готовина, но имаат доволни редовни приходи.

 

  •  Според тоа кој е обезбеден со осигурувањето, животното осигурување се дели на лично и осигурување на трети лица.

Личното осигурување е она кај кое со настанување на осигурениот случај (доживување, инвалидитет, губење на работни способности, …)  осигурената сума му се исплаќа лично на осигурениот.

Осигурувањето на трети лица е такво кај кое осигурениот во случај на смрт или губење на работните способности сака да си го обезбеди семејството или други лица. Кај ова осигурување со настанување на осигурениот ризик настанува и обврската на осигурителот за исплата на осигурената сума на корисникот, т.е. на лицето кое договарачот го има назначено во договорот.

Извор: Осигурај се