Работите во делот на финансиите во нашата земја излегуваат од контрола. Повторувам, излегуваат од контрола!

Во само неколку дена, на рингишпилот наречен македонски финансии и а ла Дедо Мраз ветувањата проструија следниве неколку желби, изјави, бладања и политички поткупувања кои и тоа како, повторно, ќе не закотват со статусот за најсиромашна нација во Европа, уште долго…

Ќе одиме по ред, од желботеката на „финансиерите“ се истресоа од ракав следните поткупувачки ветувања :

  1. 5% пораст на платата за јавната администрација, од која први саламет видоа највредните работници во нашата земја – полицајците
  2. Во катастарот, како еден од најсредените и најсофистицираните во светов, покачувањето ќе било до неверојатни 30 %
  3. Денес, премиерот, со познатата леснотија на ветување, најави драматичен раст на пензиите во 2020 година
  4. Од друга страна, веселата министерка-плагијатор, следствено на паљачо функцијата за која што е поставена си потпишува вакви циркузи без никаква анализа или оправдување, освен се разбира  старото добро ретардирано оправдување дека тоа е предизборно ветување… Но, ќе имаа таа уште многу што да потпишува изгледа…
  5. Министерот Манчевски предлага некои трансфери кои никој ниту ги разбра ниту припраша што понатаму со овие луѓе на кои сега им се зголемува платата ( парадокс невиден )
  6. Докторите, овие што останаа да ја лечат оваа длабоко пореметена нација, повторно ги заборавија … Единствените каде треба да реагираат за да не избегаат во Германија сите, по навика ги заборавија…
  7. Долгот на државата веќе надминува 2/3 од нашиот БДП, алармот одамна требаше да биде вклучен, уште кога  помина 50% од БДП, но хејјј…. предизборно ветување е главниот финансиски показател и двигател кај нас….
  8. Последно и најтрагично е последното истражување во кое се вели дека во овој сектор (јавниот) продуктивноста опаднала за 13% … Замислете, не да расте, туку опаѓа… да не е трагично би било смешно… А за да се корегира тука продуктивноста, се објавуваат уште нови работни места таму… шизо-утопија…

Оваа зелена чергарска салата измешана на ниво од пред грчката криза и со сличен должнички зачин посолена, допрва ќе ги даде резултатите. Јас само би сакал да прашам, кај нашиве економски авторитети, на што се должат овие покачувања?

  1. Ако пораснала продуктивноста, пеќе… во ред.. но таа не пораснала
  2. Ако народот е гладен и неможе да ја следи инфлацијата и губењето на реалната куповна моќ, тогаш тоа не е покачување , туку индексација, што by the way е законски загарантирана, и тоа не е покачување туку обврска на владата особено кај пензионерите за да не им опаѓа реалната куповна моќ или PPP ( Purchase Parity Power)
  3. Или, ова е она непрофесионално и аматерско однесување типично за македонскиот политичар, што од кога ќе дојде на власт почнува со заедничкиот буџет да се расфрла како со од татко му парите, па не жали на ниедна страна да ја почасти… бидејќи парите ги донел од дома му…. Никаков осет за заедништво, заштеда и домаќинско работење со буџетите не видовме во овие 30 години. А примателите на вакви бенефиции – јавната администрација се директни соучесници во овој децениски криминал на сите власти. Тие мудро молчат и калапат знаејќи дека не сработуваат ништо или не доволно добро… има и истакнати повластени малцинства кои не ни одат на работа а го пљачкаат вака буџетот. Се ова е соучесништво во партиско-ветувачката спрега за подмитување на штета на народот. Ова е робски однос на управувачкото малцинство врз неосвестеното мнозинство. Овој тип на трошење заеднички пари можеби го има во треторазредни општества од суб-Сахарска Африка. Нормална земја со својот буџет вака не се однесува.

Се генерира долг, кој децении не ќе можеме да го сервисираме а ќе немаме ни bail out опции како грците.

Морам да признам дека во целава шизофренија и дискурс, најсмешна ми е министерката за себепромоција и е-трговија а во слободно време и за финансии, која со поголема леснотија од пердувот, потпишува разноразни подмитливи зголемувања на плати за каузата за партиска регрутација. Таа тимот не го дочува две недели, ќе ги консолидирала државните финансии, само што уште не е почната. Сега засега се слика и прима некакви е-награди, со консолидација ќе се почне од наредниот вторник…Останува да видиме… По мое мислење и по „синхронизираноста“ на тимов наш и експертиве, за две години, ние ќе ја пробиеме и психолошката, но и апсолутната маргина на нашето задолжување а тоа ќе биде 100% од нашиот годишен БДП. А во меѓувреме, продолжете да се сликате во Њујорк и останати метрополи на народен трошок, и да си себеласкате бидејќи вие немате земја за која треба да се грижите. Оваа, што ја делиме во моментов – Вие не ја наследивте од Вашите деца, туку ја донесовте од татковото село…

 

Наум Димитровски