Здружението „Вина од Македонија“ се претстави како успешен пример на асоцијација од Југоисточна Европа на Конференцијата за вино во Стразбур, што се одржа на 16 април 2019. Претставници на „Вина од Македонија“ пред Комисијата за земјоделство на Европскиот парламент ги презентираа состојбите и плановите за унапредување на винската индустрија во регионот, со цел успешна интеграција во глобалната и европската економија.
Оваа конференција беше одлична можност да се слушнат фактите за производството на вино, моменталните трендови и навиките на потрошувачите во Европската Унија. Од друга страна имавме можност да ги истакнеме потенцијалите на македонската винска индустрија, но и приоритетите во однос на унапредувањето на конкурентноста, заштитата на географското потекло и регистрацијата на географските ознаки за вино во Македонија.. На оваа конференција, пред европратениците ја предложивме иницијативата за балканска платформа за заедничка промоција на вината од регионот и развој на винскиот туризам, како активност за која очекуваме поддршка во процесот на приклучување кон ЕУ – изјави Елена Младеновска – Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“.
Во рамки на конференцијата беше организирана и студиска посета на вински подрачја во Франција и Германија, како и дегустација на вината од земјите учеснички од Југоисточна Европа.