Здружението „Вина од Македонија“, во кое членуваат најголемите производители и извозници на македонско вино, е на ставот дека претстојната берба на грозје е добра можност повторно да се отворат вистинските теми кои треба да овозможат долгорочен, одржлив развој на македонското лозарство и винска индустрија.

 

Според Здружението, постојат потврдени начини и чекори кои треба да се преземат, по примерот на големите вински земји, а со чија имплементација би се надминале сите предизвици во домашното лозарство и винска индустрија, како што се:

– Воведување и почитување на светските стандарди и практики во лозарството кои треба да обезбедат повисок квалитет на грозјето и виното;
– Вложувања во развој на современо лозарство, преку набавка на соодветна механизација, окрупнување на земјиштето, субвенции за производство со географски ознаки и слично, со кои ќе овозможи намалување на трошоците за производство на грозје;
– Обезбедување поддршка за винарниците кои вложуваат во производство на висококвалитетни вина со контролирано и гарантирано потекло, во напредни технологии и одржлив развој, како и поддршка за зголемување на извозот и позиционирање на македонското вино на светската винска мапа, што носи долгорочни придобивки за сите, вклучително и за лозарите и државата.

 

Имплементацијата на овие чекори и обезбедувањето на неопходната поддршка за развој на домашното лозарство и винска индустрија ќе помогне во градењето на имиџот на Македонија како производител на висококвалитетно вино, што ќе има влијание врз зголемување на цените на извезените вина, кое пак ќе донесе поголема трговска размена и поголем девизен прилив, а сето тоа следствено ќе се одрази и на зголемување на цената на грозјето.
Токму благодарение на напорите на Здружението, како и на винарниците кои членуваат во него, просечната цена за литар извезено флаширано македонско вино е зголемена од 1,14 евра во 2020 година, на 2,11 евра во 2023 година. Истовремено, во последните неколку години променета е и структурата на извозот, при што сега близу 40% од извезеното македонско вино во странство е флаширано, што генерира дури над 70% од вредноста на целокупно извезеното вино.

Целта на „Вина од Македонија“ и на неговите членки, е во наредниот период, преку имплементацијата на споменатите чекори и со соодветна поддршка од државата, да продолжи да расте цената на македонското вино што се пласира на странските пазари и притоа целокупното извезено вино да биде флаширано, за да ја намалиме можноста нашето наливно вино да се пакува во странство и потоа како брендиран производ да ни се појавува како конкуренција на нашите вина на странските пазари.

 

Доколку не се спроведат неопходните чекори и изостане поддршката која треба да обезбеди развој и модернизација на домашното лозарство и винска индустрија, први на удар ќе бидат производителите и извозниците на наливно вино од нашата земја, кои целосно го пласираат своето производство на странските пазари, а особено во Германија, каде веќе поголем временски период цените на ваквото вино се во постојан пад, предизвикан од влезот на евтино вино од Шпанија и Италија. Секое непазарно зголемување на откупната цена на грозјето ќе предизвика значително зголемување на вкупните трошоци, а со тоа и на продажните цени на нашето наливно вино, со што тоа станува неконкурентно на пазарите каде се извезува, што пак ќе значи губење на пазарите и пропаѓање на овие домашни винарници.

Оттаму, единствен начин како да се спречи натамошното финансиско исцрпување и пропаѓање на дополнителен број македонски винарници е цената на грозјето да се утврдува помеѓу производителите на грозје и вино, според пазарни механизми на понуда и побарувачка и показатели кои се применуваат секаде во светот, како што се: приносот, квалитетот и географската ознака. На таков начин, домашните винарници ќе можат да останат конкурентни и ќе можат да продолжат да вложуваат во развојот и производството на квалитетно вино кое ќе може да постигне повисока цена на пазарот, со што тие ќе можат да платат и повисоки цени за грозјето кое го откупуваат од лозарите.

 

Здружението „Вина од Македонија“ смета дека единствено преку ефективен дијалог помеѓу сите засегнати страни може да се дојде до вистинските решенија. Оттаму, Здружението и неговите членки се подготвени во секое време да ги презентираат пред сите засегнати страни, своите аргументи и предлози кои треба да овозможат вистински долгорочен развој на македонската винска индустрија и лозарство.