На многу финансиски пазари во Централна и Источна Европа, банките се најзастапени финансиски институции. Но, многу од нив се релативно мали по големина и често имаат многу мали удели на пазарот. Според најновото истражување на регионалниот пазар на банкарство спроведено од „Делоит“, очекуваната економска криза веројатно ќе создаде дополнителен притисок врз финансиските институции, особено за помалите банки, кои честопати не се дел од поголемите групи. Покрај тоа, заради зголемениот број на трансакции, трендот на консолидација се забрзува, а се очекува натамошно зголемување на трансакциската активност на банкарскиот пазар во Централна и Источна Европа.
Пазари на спојувања и аквизиции во Централна и Источна Европа со најголем број на трансакции, од 2015 до 2019 година, беа Украина (14 аквизиции), Србија (11) Полска (10), Романија (10) и Унгарија (8). Најактивен инвеститор беше унгарската банка ОТП банка (8 аквизиции), додека втор најактивен купувач беше Полска, со 4 трансакции на откуп во набљудуваниот период преку ПЗУ и Алиор банка. Најактивни продавачи беа Сосиете Женерал (6 трансакции), Рајфајзен (5) и грчките банки, од кои Банка Пиреја, Национална банка на Грција, Алфа банка и Евробанк заедно продадоа 12 банки во набудуваниот период.
Успехот на банкарската индустрија во Централна и Источна Европа и во балтичките држави продолжува да всадува доверба кај инвеститорите. Стапките на адекватност на капиталот останаа високи во 2018 година, во просек над 20 проценти во сите 15 држави. Акциите и нивото на „лоши“ заеми продолжуваат да опаѓаат, додека профитабилноста на банките во неколку земји достигна историски највисоко ниво со просечен поврат на капиталот од околу 11 проценти и без загуби, според истражувањето на „Делоит“.
Причината за овие позитивни движења е стабилно проширување на економијата со просечен реален раст на БДП од 3,9 проценти во 2018 година, придружено со подобри услови на пазарот на трудот и интензивно кредитирање во повеќето земји од Централна и Источна Европа.
Освен тековната дигитална трансформација, друг преовладувачки тренд во банкарскиот сектор на Централна и Источна Европа е консолидацијата на банкарскиот пазар, поттикната од растот на водечките регионални играчи преку аквизиција за да се постигне економија на обем и да се зголеми ефикасноста. Неколку банкарски сектори во земјите од Централна и Источна Европа се карактеризираат со прекумерен број на банки и разновидна пазарна структура, како и со голем број банки со ниски пазарни удели, кои не се во состојба да постигнат економии од обем во своето работење. Можно е очекуваното забавување на економската активност, особено во Западна Европа, да изврши поголем притисок врз помалите банки.
„Очигледно е дека инвеститорите се мотивирани да го подобрат својот бизнис преку аквизиција, поддржан од солидна финансиска сила и пристап до капитал. Исто така, повеќето продавачи ја прифатија можноста за продажба, при што некои се свесни за нивните можни ограничувања во иднина за понатамошниот развој на банките. Од горенаведените трендови, можеме да заклучиме дека натамошни трансакции на пазарот на спојување и аквизиција во Централна и Источна Европа и во наредниот период се високо веројатни “, коментираше за порталот Privredni.hr, Ведрана Јелушиќ Кашиќ, партнер во секторот за финансиски консалтинг во Делоит.