Членството на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), е потврда за успешните регулативни реформи предводени од Народната банка и следствено – високите регулативни стандарди коишто се применуваат од страна на финансиските институции, што е важно за натамошното поттикнување на конкуренцијата, иновациите, но и за задржувањето на финансиската стабилност, како предуслов и за макроекономската стабилност. Светската банка (СБ) ќе продолжи да ги поддржува активностите на Народната банка за ефективно приклучување на нашите финансиски институции кон европските платежни системи, како и за приклучување кон регионалниот проект за инстант плаќања. Ова беше истакнато на средбите на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска со високите претставници на Светската банка, односно заменик-претседателката на СБ за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, директорката за Западен Балкан, Шијаочинг Ју, директорот за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светската банка. На состаноците учествуваа и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами.

Во насока на понатамошна интеграција на финансискиот систем и унапредување на квалитетот на услугите за граѓаните и стопанството, Ангеловска-Бежоска информираше за постигнатиот успех – приклучувањето кон СЕПА. Таа потенцираше дека овој чекор е резултат на големиот напор во изминатиот период за реформирање на законската и регулаторната рамка и нејзиното усогласување со европските стандарди. Оваа стратешка определба не само што ќе овозможи поефикасни и поевтини прекугранични плаќања, туку и ќе го поддржи процесот на европската интеграција.

„Членството во СЕПА е стратешко достигнување, но и основа за предизвиците коишто претстојат. Народната банка со поддршка на Светската банка, продолжува со усогласување на националното законодавство со законодавство на Европската Унија. Народната банка веќе ги донесе дополнителните промени во регулативната рамка за извршување на плаќањата со странство, коишто ќе започнат да се применуваат од 5 октомври годинава, кога давателите на платежни услуги ќе може за првпат да се приклучат кон платните системи во СЕПА. Следната година фокусот ќе биде на инстант-плаќањата. Овие активности ја потврдуваат посветеноста на Народната банка кон целосна финансиска интеграција во ЕУ“, истакна гувернерката во своето обраќање на тркалезната маса посветена на СЕПА, при што посочи дека домашните банки во соработка со Народната банка напорно работат во следните неколку месеци целосно да се интегрираат во европскиот екосистем за плаќања, нудејќи им на своите клиенти услуги еднакви со оние коишто се нудат во ЕУ.

На средбите со високите претставници на Светската банка позитивно беа оценети и политиките на Народната банка за одржување на финансиската стабилност, при што акцент беше ставен на техничката помош од Светската банка, со којашто преку повеќе проекти дополнително се јакнат капацитетите на земјата и централната банка во неколку области поврзани со банкарскиот систем. Тие се однесуваат на унапредување на макропрудентната рамка како и финализирањето на подзаконските акти на Законот за решавање на банки.

„Народната банка донесе 12 одлуки кои ја заокружуваат регулативната рамка за решавање банки, со што се обезбедува усогласување со највисоките меѓународни стандарди и добри практики. Овие одлуки претставуваат значаен чекор кон натамошно зајакнување на стабилноста на финансискиот систем и заштита на јавниот интерес“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, којашто ги потенцира проектите коишто Народната банка ги реализира со поддршка од Светската банка и во доменот на климатските ризици, како што е развивањето на методологијата за стрес-тестирање на деловните банки.