Парите на граѓаните и компаниите доверени на банкарскиот сектор во декември достигнуваат 9,76 милијарди евра. За еден месец се зголемени за 5,3 проценти. На годишно ниво – за 12,4 насто. Во добар дел движењата се засновани врз штедачките навики на македонското население, иако се бележи раст и кај депозитите на корпоративниот сектор.
Кој, пак, има позначајна улога во стимулирањето на кредитната банкарска активност, без оглед што домаќинствата се позадолжени од компаниите. Од ноември до декември вкупните кредити нараснале за 2,7, а за една година се повисоки за 11,2 проценти. Изнесуваат 8,03 милијарди евра.
Во вкупните депозити од 600.382.000.000 денари, средствата на граѓаните зафаќаат 396.898.000.000 денари или 6,45 милијарди евра. Според податоците на Народната банка, на месечна основа влоговите на секторот домаќинства се зголемени за 3,9 насто. Во тие рамки, позначаен е растот на депозитните пари, иако позитивни промени се забележани и кај долгорочните денарски и девизни депозити, како и кај краткорочните депозити во домашна валута. Годишниот рас изнесува 13,8 проценти.
На населението во декември му биле одобрени за 1,1 насто повеќе кредити во споредба со ноември, и тоа во доминантни се задолжувањата во странска валута. За една година, пак, во овој сегмент кредитната поддршка е повисока за 8,8 насто, каде што е поизразено кредитирањето во денари.
И натаму најмногу се аплицира за потрошувачки кредити, чиј вкупенн износ во декември е 128.863.000.000 денари, односно 2,09 милијарди евра. Овде има месечен напредок за 1,3 и годишен за 7,5 проценти. Вообичаено, следуваат станбените кредити, каде што се регистрирани 2,3 насто како месечна и 12,5 насто како годишна промена. Или, за обезбедување сопствен дом се искористени 94.398.000.000 денари (1,53 милијарди евра).
Во текот на последниот месец од 2024 граѓаните не покажале особен интерес за купување возило на кред. Напротив, има намалување за 2,9 отсто на месечно ниво. Сепак, се бележи годишен раст од 4,7 проценти.
Континуирано оди надолу задолжувањето кај банките со употреба на кредитните картички, при што податоците на НБРСМ укажуваат на месечен минус од 1,9% и годишен од 9,2%. Во таква фаза е и состојбата кај негативните салда на тековните сметки., со месечно намалување од 13,5% и годишно за 4,4%. А, кредитите одобрени по други основи за еден месец се повисоки за 0,2%, но годишно се пониски за 12%.
Вкупните депозити на корпоративниот сектор во декември се зголемени за 8,7% на месечно ниво и се во износ од 176.281.000.000 денари, односно 2,86 милијарди евра. Анализирано на годишна основа бележат раст од 9,2%.
Кредитите што им биле одобрени на компаниите во декември поттикнале зголемување од 4,4%. Тоа, најмногу произлегува од побараните и добиени кредити во денари. Годишниот раст изнесува 13,9 проценти.