Министерството за економија и труд објави два јавни повика во согласност со Програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2024 година. Како што објави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, годинава за оваа Програма се обезбедени вкупно 32,5 милиони денари или 530 илјади евра за субвенции за компаниите.

За јавниот повик за поддршка за зголемување на конкурентноста на деловните субјекти од преработувачка индустрија  – развој на деловниот субјект, развој на производ и развој на пазар предвидени се 6,5 милиони денари.

На јавниот повик може да аплицираат компании од преработувачката индустрија кои имаат најмалку 5 вработени лица, и да нема добиено финансиска поддршка од државата за истата активност во изминатите две години.

Министерството за економија и труд го надоместува делот на трошоците во висина од 50% од докажаните трошоци на барателот, но не повеќе од 300 илјади  денари. За јавниот повик за надомест на дел трошоците за лаборатории обезбедени се вкупно 3 милиони денари.

На јавниот повик може да аплицираат компании кои се во секторот за техничко испитување и анализи и организационите единици при факултетите, кои се занимаваат со оваа дејност. Еден барател може да поднесе пријава и барање само за една активност. Корисник на субвенција не може да биде деловен субјект кој добил државна помош за иста активност во претходната година.

Лабораториите може да аплицираат за акредитација и проширување на акредитација на постоечки лаборатории. Оваа мерка се однесува и за набавка на опрема за лаборатории за пуштање на пазарот на квалитетни и безбедни производи во делот на доопремување на лаборатории и обука за ракување со опремата и калибрација на опремата.

Во соопштението се истакнува и дека Министерството за економија и труд надоместува дел од трошоците во висина од 50% од докажаните трошоци на деловните субјекти, но не повеќе од 400 илјади денари поединечно за секој деловен субјект барател на средства, во согласност со расположливите средства.