Работодавачите кои ќе користат финансиска поддршка за исплата на плати не смеат да го намалат бројот на вработени во април, како и два месеца по завршување на мерката, односно заклучно со јули. Ова, како што јавува МИА, е измената на Уредбата за финансиска поддршка за плати што Владата ја усвои денеска на продолжението на 48-та седница.
Од владата појаснуваат дека работодавачот не смее да го намали бројот на вработени освен во случај на пензионирање и смрт на работник, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски, спогодбено преземање на работник, престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.
„Уредбата определува дека вкупниот број на вработени на кои исклучиво по овие основи би им бил прекинат или завршен работниот однос, заклучно со месец јули 2020 година не смее да биде повеќе од 15 отсто кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка, 10 отсто кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и пет отсто кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка“, се наведува во соопштението од Владата.
Неделава министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека владата одлучила да има нови правила за користење државна помош наведувајќи дека фирмите кои ќе користат може да отпуштаат вработени. Првично важеше правилото ако користи владина помош, работодавачот мора да го задржи истиот број на вработени два месеца по користење на мерката, односно до јули.
На ваквата владина одлука реагираа повеќе синдикати и невладини организации, оценувајќи ја како неприфатлива.