За долгови до 10.000 денари отплатата е на шест рати, долг од 10.000 до 60.000 денари се отплаќа на 12 месечни рати, од 60.000 до 120.000 денари на 24 месечни рати, до 240.000 денари на 36 рати, а за долговите над таа сума отплатата е на 48 рати
Најдоцна до 18 мај долговите на граѓаните кон државата за услугите од јавните комунални и слични претпријатија треба да се репрограмираат и да им се избришат каматите. Ова е предвидено со Законот за отпис на каматите и репрограмирање на долгови и трошоци на физичките лица, кој Собранието го донесе во февруари годинава.
Бидејќи крајниот рок се ближи, Владата на една од седниците побара оваа операција да се забрза, за да им се олесни состојбата на должниците за време на кризата предизвикана од коронавирусот.
-Сите државни органи, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, органите на општините, на Градот Скопје или општините во Градот Скопје, како и Акционерски друштва во државна сопственост, јавните претпријатија во државна или јавна сопственост, кои се утврдени како доверители во извршните исправи, дадени за извршување пред извршителите, заклучно со 31 декември 2017 година, да ги интензивираат активностите, за отпис на каматите и за репрограмирање на долговите согласно законот, со оглед на тоа што рокот за истото истекува на 18 мај 2020 година, стои во заклучокот усвоен од Владата.
За да се реализира успешно оваа активност Министерството за правда е задолжено да ги извести извршителите во законски предвидениот рок за прецизираните барања за извршувања.
Инаку, како што е предвидено со Законот, отпис следува за пресметаните камати, а репрограм за главниот долг и трошоците кои произлегуваат од старите извршни судски предмети заклучно со 2011 година кои беа пренесени кај извршителите или нотарите, како и за долговите кон комуналните и сродните претпријатија кои се дадени на извршување до 31 декември 2017 година.
Со овој Закон доверителите во државна или јавна сопственост се должни да направат целосен отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг и трошоците во рок од три месеци од стапување во сила на законот, односно до 18 идниот месец. Токму тие се повикани од Владата да ја забрзаат активноста, додека пак, приватните доверители како што се ЕВН, телекомите и слично, на кои исто така се однесува законот, отписот и репрограмот го вршат на доброволна основа. Во Законот е наведено и дека откако ќе стапи во сила, извршителите треба да прекинат со извршување на предметите.
Според законските одредби плаќањето на главниот долг и трошоците во постапките пред судот, нотарот и извршителот ќе се врши на месечни рати зависно од висината. За долгови до 10.000 денари отплатата е на шест рати, долг од 10.000 до 60.000 денари се отплаќа на 12 месечни рати, од 60.000 до 120.000 денари на 24 месечни рати, до 240.000 денари на 36 рати, а за долговите над таа сума отплатата е на 48 рати.