Извисија ли граѓаните со блокирани сметки кои не успеаја да отворат нови до петокот за шесте илјади денари државна помош?

Од Владата без конкретен одговор дали рокот за исплата ќе се продолжи за и овие граѓани да ја добијат помошта.

– Кратко и јасно, дали граѓаните со блокирани сметки кои до петокот не успеаја да отворат нови сметки ќе ја добијат помошта од шесте илјади денари?

– Во однос на помошта со блокираните сметки да повторам дека владата направи многу. И понатаму продолжуваме да потенцираме дека помошта ќе стигне до сите за кои е наменета. Затоа рековме дека очекуваме толеранција од банките оваа операција да се заврши во наредните денови, вели портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

Иако рокот за разгледување на приговорите од граѓаните беше до 31, Владата ги разгледа сите, но засега нема детали колку од нив се прифатени, а колку се одбиени.

– Обработени се приговори. Со податоци на прифатени и одбиени. Она што во моментот можеме да го кажеме е дека ќе излеземе со конкретни бројки за она што прашувате најдоцна до утре. Иако Законот не ја обврзува Владата, мора да се каже дека се обработени во рекорден рок, а стануваше збор за околу 78.000 приговори. На сите на кои што поднеле приговор ќе им се одговори, ова е добро граѓаните да го знаат, на сите ќе им се одговори на електронската адреса која ја навеле при поднесувањето на приговорот, вели Арсовски.

Според владината прес-служба, проблемите со мерката „Купувам домашно“ се појавиле поради доцнењето на Законот во Собранието.

Парите се исплаќаат на транскациската сметка на граѓаните, можат да се извадат и во кеш од банкомат, а овој пат нема лимит за што може да се искористат, како што беше со помошта која ја добиваа во претходните пакети.